Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.Попис 2021: Македонските граѓани на работа најчесто одат со автомобил, а најретко со воз [Инфографик]

Во споредба со Пописот од 2002 година сега македонските граѓани се пописмени, имаат повисоко ниво на образование, а значително е опаднат и бројот на невработени лица. Сепак и понатаму половина милион луѓе немаат завршено ниту средно образование.

Новина на последниот Попис беше тоа што граѓаните беа прашувани и за видот на превоз кој го користат до работното место. Податоците покажуваат дека автомобилите се најатрактивни и нив ги користат речиси 220 илјади граѓани како начин да стигнат до работа.

 

2.[Галерија] „Крај на менструалната и женската сиромаштија“ – протестен собир пред Министерството за финансии

Намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на менструалните производи за да се намали продажната цена и поттикнување на употребата на менструалните чашки со субвенционирање на цената. Одвојување средства од буџетот за создавање соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети, како и бесплатни и достапни менструални производи во училиштата и јавните тоалети.

Ова се барањата кои активисти на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и „PERIOD Movement Skopje“ ги поднесоа до Министерството за финансии.

 

3.Високообразовни институции ќе развиваат медиумска писменост преку студиски програми

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на Југоисточна Европа и Американскиот универзитет на Европа – ФОН се четирите високообразовни институции кои до март 2023 година ќе ги ажурираат постоечките или ќе воведуваат нови предмети за медиумска писменост во студиските програми.

Тие добија грантови на јавниот повик на ИРЕКС и Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писмеснот „Младите размислуваат“, со цел да работат со студентите, имплементираат идеи, материјали и да унапредуваат истражувања во областа. Повикот ќе се повторува и следните години.

 

4.„Автономија без достоинствени плати е илузија“ – протест на Сојуз на синдикати на УКИМ

Во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одржа мирен протест на професорите и членовите на Сојузот на синдикати на УКИМ, кои побараа покачување на платите на научните работници и ненаставниот кадар.

Претседателот на Сојузот на синдикати  УКИМ, професорот Ангел Ристов посочи дека не е прифатен предлогот за покачување на платите најавен за од септември.

„Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. “, истакна Ристов.

 

5.Собранието го редизајнираше вебсајтот – Седниците конечно можат да се гледаат и без Интернет Експлорер

Собранието на Република Северна Македонија конечно доби редизајнирана интернет-страница која обезбедува некои нови функционалности кои досега не беа достапни, а решени се и некои проблеми кои со години предизвикуваа тешкотии доколку граѓаните сакаа онлајн да ја следат работата на законодавниот дом.

Од она што може да се забележи при кратко разгледување на новиот сајт, освен визуелната промена новина е што сега, преку копчето „Е-парламент“, достапни се и информации за работата на собраниските комисии како и пратеничките прашања (и одговори). На ова место можат да се проверат и собраниските материјали, а да се добие и увид во кој статус се наоѓаат предложените закони и одлуки. Сајтот е соодветно оптимизиран и доколку кон него се пристапува од мобилен телефон.

 

+ Бонус осврт од соработникот Марјан Болтевски

Like tears in rain: Вангелис

Евангелос Одисеј Папатанасиу, познат под псевдонимот Вангелис, е дел од генерацијата на музичари кои влегуваат во поекспериментални води во компонирање музика, често комбинирајќи правци кои на прво слушање би биле „дисхармонични“, како вклопување на електронска музика со класична оперско филхармониска или рок.

Ваквите обиди за спојување  придонесуваат Вангелис да се истакне како соло артист на почетоците, за подоцна да оформи свои бендoви како Forminx и Aphrodite’s Child (вториот бенд е плод на соработката со Демис Русос), за потоа повторно да се врати како соло артист со формирање на сопствено студио во Лондон, наречено Nemo Studios.