Промоција на книгата „Во дијалог“ во „Буква“ на 25 март

На 25 март (петок), со почеток од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, КСП Центар-Јадро организира промоцијата на книгата „Во дијалог, Визуелна и применета ликовна програма на КСП Центар-Јадро (2020-2021)“.

„Поттикнати од фактот дека на нашата сцена сме постојано соочени со недостаток на континуитет на структурираната анализа и историографија на работата на нашите визуелни уметници и дизајнери, во 2020 година ја започнавме серијата на разговори и презентации македонски визуелни уметници, македонски дизајнери и видео уметници од Македонија и регионот. Она што ни беше особено битно е да ги поттикнеме авторите да проговорат за своите дела, креативниот и технички процес како и за состојбите во кој тие создаваат. Многу наши визуелни уметници имаат многу богата продукција и под тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради честото системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност“, велат од Центар-Јадро.

Оттаму посочуваат дека македонските видео уметници биле активни во овој медиум уште од почетокот на деведесеттите, и додаваат дека со создавањето на врската со видео уметниците од регионот сакаат да придонесат за промоција на нашите уметници на меѓународната сцена.

Дополнително, од Центар-Јадро велат дека сакаат да го „постават прашањето за позицијата на видео уметноста денес, како и нејзините бројни трансформации, експерименти и испреплетувањето со други  уметнички форми“.

„Македонскиот дизајн во изминатите години постигна сериозни успеси. Нашите дизајнери успеваат да ја потврдат својата работа дома и во странство. Нивните дизајни се наградени на многу фестивали и конкурси и се претставени во релевантни светски списанија и веб-платформи. Типографија, дизајн на книги, логоа, постери, кампањи, дизајн и развој на видео игри се областите во кои тие успеваат да ги преточат своите креативни идеи. Со цел да се поттикне понепосредна и пофокусирана комуникација трите серии разговори беа водени во живо, во просторот на КСП Центар-Јадро, како и во дворот на кафе-книжарницата „Буква“, на тремот на Музејот на современата уметност – Скопје и кафе-барот, ‘Шортбас’ а четири разговори се одржаа во живо на онлајн платформата Зум и беа пренесувани во живо на Фејсбук страната на КСП Центар-Јадро“, додаваат од Центар-Јадро.

Во книгата, од Центар-Јадро велат дека се поместени сублимираните транскрипти од презентациите и разговорите со десет македонски визуелни уметници, пет видео уметници од Македонија и регионот и пет македонски дизајнери. Истовремено, посочуваат дека целосните видеа од презентациите и разговорите се достапни на нивната Фејсбук страница и ЈуТјуб канал.