„Не сакаме сожалување, сакаме права“ – прв протестен марш на самохраните мајки и еднородителските семејства

Дефинирање на термините самохран родител и еднородителско семејство, допрецизирање на постојаните права и нивно реформулирање, помагање на самохраните мајки за решавање на станбеното прашање, создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки, како и анализа и преобмислување на системот на социјални и парични бенефиции.

Ова се дел од препораките кои преку протестен марш на организацијата „Една може“ денеска беа упатени до Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Преку маршот кој започна од Жена парк, од државата тие побараа и прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално ниво, како и приспособување и зголемување на учеството на жените самохрани мајки во општеството преку квоти.

Една од говорничките пред МТСП рече дека јавноста секојдневно е сведок на барем една тажна приказна и апел за помош, но и посочи дека тоа им создава потешкотии бидејќи и тие барем еднаш во живото се нашле во иста или слична ситуација.

„И додека ние, како членови на групата ‘Една може’, се трудиме со натприродни сили, да и помогнеме на секоја една којашто бара помош, државните институции молчат. Затоа денес, после долги години молчење, решивме конечно да го кренеме нашиот глас и јавно да ги побараме нашите права, и барем на момент да им доловиме како е да се биде и мајка и татко во исто време. Епа драги мои, верувајте, не е ни најмалку лесно“, рече таа.

Дополнително, ги замоли надлежните институции да обезбедат финансиска помош за секој самохран родител, без разлика на тоа дали е вработен или не.

„Во денешно време кога се соочуваме со големи покачувања на цените на производите, со една плата не може да се прехрани едно семејство, а камоли да се преживее месецот. Како и секое дете, така и нашите заслужуваат да имаат спокојно детство,  и затоа уште еднаш од името на сите нас, би ве замолила, конечно да не слушнете и да ни го исполните ова наше барање, за да како што и кажува слоганот на оваа наша група ‘секоја една да може’. Сите овие години си помагавме меѓусебно, една на друга, сега редот е на вас, државните институции да ни помогнете на сите нас, самохрани родители“, додаде говорничката.

Непосредно пред почетокот на маршот, претседателката на организацијата „Една може“, Дороти Пачкова изјави дека нивната борба е децениска, а протестот е нешто кое досега не го направиле, и покрај сите легални механизми кои ги употребиле претходно.

фото: принтскрин од видео на МИА

„Излегуваме на улица од име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство во државата и бараме поддршка од државните институции. Игнорантноста мора да престане и бараме дефинирање на статусот на самохраност и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“, рече Пачкова.

Станиша Станковиќ кој е дел од младите на „Една може“ вели дека е среќен бидејќи после 30 години од создавањето на државата, се зборува за самохраните и еднородителските семејства.

Воедно, како дете кое доаѓа од самохрано семејство, Станковиќ побара од државата да им обезбеди бесплатна партиципација во високото образование, но и покачување на стипендиите за самохрани и еднородителски семејства.

„Со цел ние безгрижно и со сигурна иднина да учиме и да создаваме во нашата држава и во краен случај да се дефинира кое дете е од самохрано семејство, а кои сме децата од еднородителски семејства. Овие барања ќе ни олеснат и понатаму да зборуваме за нашите права, за нашите можности. Ги поканувам сите деца, млади, било кои поддржувачи да се вклучат во нашата организација, бидејќи ние се залагаме за подобри права на секој од нас“, порача Станковиќ.

Во меѓувреме, Елена Цекова од „Една може“ посочи дека на протестниот марш е со цел да ги застапи сите мајки кои што се разведени и кои што се самохрани, а кои се спречени да ги остварат веќе стекнатите права, како резултат на, како што рече корумпираноста на институциите.

„Како резултат на нивната нефункционалност, нестручен кадар и се друго што ги спречува да ги гледаат своите деца и да бидат нивни старатели и покрај сите пресуди, решенија и други извештаи кои им се доделени со закон“, рече таа.

Цекова посочи дека конкретен пример за корумпираноста на институциите се сите транспаренти кои се испишани за протестниот марш, а кои вели дека се личен печат на човечки судбини.

„Поточно на најкреативните суштества во целото општество, во целата природа, мајките, кои треба да ги израснат тие деца, а се спречени заради нефункционирањето на тие институции. Значи има решенија кои се донесени за старателство, тие мајки се спречени да бидат со нивните деца заради повисока моќ на бившиот сопруг, заради врски во Центарот за социјални работи, заради несоодветен кадар кој што се преместува од место на место, значи мајки кои што се борат со месеци за нивното старателство“, посочи Цекова.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вчера истакна дека Владата и Министерството се отворени и достапни за сите потреби и предизвици со кои се соочуваат самохраните родители, но и останатите граѓани на кои им е неопходна помош.