Се бара правда за загинатите битолчани во сообраќајката кај Охрид – најавено воведување ново кривично дело

Двајца битолчани минатата година влегоа во вкупниот број од 125 лица кои загинале во сообраќајни несреќи. Несреќата која се случила на 16 август на патот од Охрид кон Свети Наум оставила траума и за три други сопатнички на загинатите кои биле тешко повредени.

За овој случај пошироката јавност дозна пред 2 дена, преку Фејсбук објава на нивниот другар Стефан Мицевски која за кратко време стана вирална. Како што тврди тој, на 20 октомври Основниот суд во Охрид донел пресуда со која виновниот во сообраќајката бил осуден на условна затворска казана од 4 години, со дополнителна казна од 3.000 евра.

Оттука, најчестите коментари за случајот се дека во Македонија нема правда, како и дека судството е корумпирано. Мицевски пак е дециден дека правдата сега ќе се бара во Апелациониот суд во Битола.

„Што повеќе јавно и гласно се зборува, може и ќе промениме нешто заедно“, гласи еден од коментарите. „Навистина срамота. Убиство на два млади животи и три тешко повредени, и казна нема. Значи сите можат да дивеат по патиштата и да убиваат, а после безгрижно да си живееш. Државата им овозможува. Грозно“, додава друг. „Жално, нема правда тука… Има тате, бате и пари“, коментира трет.

Една од трите повредени девојки во сообраќајката е и младата Сташа Божиновска која вчера се огласи на Фејсбук каде детално објаснува за тоа што се случило тој ден.

Божиновска, како и Мицевски исто така бара правда за нејзините другари, велејќи дека судијата кој пресудил на виновникот „по втор пат им ги убил другарите, заедно со нивните фамилии и нив“.

„Но човекот, ИНСТИТУЦИЈАТА, која требаше да ми дај потпора, не само мене, на сите гореспоменати и неспоменати, ме/не предаде“, пишува Божиновска.

Најавено ново кривично дело – „Безобзирно управување со моторно возило“

Пресудата предизвика реакција и од министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој преку Фејсбук вели дека како министер, но пред се како човек и родител дека не може да остане рамнодушен по одлуката на судот.

„Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај“, пишува Маричиќ.

Од Министерството за правда за Радио МОФ објаснуваат дека во рамките на работната група за изготвување на нов Кривичен законик ќе се воведе и ново кривично дело насловено „Безобзирно управување со моторно возило“, со кое се пропишува затворска казна и до 3 години, односно казна затвор од 4 години доколку има и смртни последици.

Дополнително, оттаму велат и дека ќе се иницира дебата во рамките на работната група во однос на ублажувањето на казните и условните осуди за тешки дела во сообраќајот.

„И тоа во однос подобрување на законските решенија и елиминирање на можните злоупотреби во ова насока, како и анализа на примената на постојните одредби од страна на судовите и Јавното обвинителство, секако во однос на кривичните дела поврзани со загрозување на безбедноста во сообраќајот. На истиот состанок ќе бидат поканети и претставници на Врховниот суд, Јавното обвинителство и Судскиот совет“, велат од ресорното министерство.

За пет години на македонските патишта загинале над 850 лица

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска, на 16 ноември го одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Според нивните податоци во последните 5 години на македонските патишта животот го загубиле 854 лица во сообраќајни несреќи.

Радио МОФ подготви инфографик на кој може да се види како се движел ваквиот тренд во последните пет години.

Мартин Колоски