Невакцинираните пациенти во Сингапур ќе плаќаат за лекување од Ковид-19

Владата на Сингапур донесе одлука со која невакцинираните пациенти со Ковид-19 повеќе нема да можат да се лекуваат на државен трошок, туку сами ќе мораат да ги сносат трошоците, пренесува српски „Евроњуз“.

„Моментално невакцинираните се мнозинство од лицата кои се на интензивна нега. Тие придонесуваат за оптоварување на нашите здравствени ресурси. Затоа, од 8 декември, ќе почнеме да им наплаќаме на пациентите кои не сакаат доброволно да се вакцинираат, ќе ги наплатуваме трошоците за лекување“, се наведува во соопштението на Владата.

Оние кои не можат да се вакцинираат од медицински причини, како и децата под 12 години, во случај на заболување, сепак ќе можат да се лекуваат на трошок на државата.

Со оваа мерка, властите во Сингапур сакаат да ја поттикнат вакцинацијата на граѓаните, која успори, додека истовремено расте бројот на нови случаи.