Гладот во светот немилосрдно расте, предупредува ВФП

Бројот на луѓе што се на работ на глад во 43 земји достигна 45 милиони, бидејќи несигурноста со храна во светот нагло се зголеми, предупреди Светската програма за храна (ВФП), пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Скокот од 42 милиони на почетокот на годината на 45 милиони луѓе на кои денес им се заканува глад е последица на ситуацијата во Авганистан, каде што дополнителни три милиони лица се соочуваат со глад, соопшти агенцијата на ОН со седиште во Рим.

„Десетици милиони луѓе се на работ на бездната. Конфликтите, промените во политиките и Ковид-19 го зголемија бројот на гладни луѓе. Последните бројки покажуваат дека 45 милиони луѓе се на работ на глад“, рече извршниот директор на ВФП, Дејвид Бисли. по патувањето во Авганистан, каде што ВФП им донесе помош на речиси 23 милиони луѓе.

„Цените на горивата растат, цените на храната вртоглаво пораснаа, ѓубривата стануваат поскапи, сите овие фактори поттикнуваат нова криза како онаа што сега се случува во Авганистан со веќе старите кризи, како оние во Јемен и Сирија“, додаде тој.

За да се спречи гладот ​​во светот, потребни се седум милијарди долари, што е зголемување во однос на 6.6 милијарди долари на почетокот на годината.