Уметници од Струга нудат награда за најмногу собрани отпушоци од јавните површини

Секој месец во наредната година преку нова награда за животна средина ќе се избираат двајца победници кои собрале најмногу догорчиња од цигари на јавните површини. Победниците ќе имаат можност да добијат бесплатен монохроматски портрет од која било личност по нивен избор.

Ова го најави меѓународната уметница Лида Шерафатманд која живее во Струга, заедно со струшкиот уметник Милко Нестороски.

Преку нејзиниот Фејсбук профил, Шерафатманд појасни дека за учество во наградата игра, заинтересираните граѓани треба да собираат догорчиња од цигари од јавните површини во пластично шише. Потоа, пред 26-тиот ден од месецот треба да ги однесат во ателјето на Флоресенцизмот, кое се наоѓа на вториот кат на градскито пазар во Струга.

„Пред да дојдете во ателјето известете ги уметниците со јавување на телефонскиот број 078/249 250 или со испраќање на електронска пошта на: info@lida.gallery, или Кандилка / Atelier of Florescencism“, се додава во нејзината објава.

„Уметниците Лида и Милко веруваат дека културата, животната средина и економијата треба да работат рамо до рамо, заедно, со цел благосостојбата на луѓето и средината во која живеат секогаш да бидат приоритет. Нивното ателје ‘Кандилка’, ателје на Флоресенцизам го носи името на едно од типичните цвеќиња за Струга кое личи на споени лебеди и го отсликува присуството на лебедите, езерото и реката во Струга. Поимот ‘флоресенцизам’ е нивниот уметнички концепт кој преку посебна грижа ги спојува општественото и природното“, вели Шерафатманд.