Бранкица Јордановска денеска отвора изложба во МКЦ

Во Галерија МКЦ денеска (среда, 1 септември) од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Маска или преобразба на изопаченото“ на Бранкица Јордановска.

Изложбата ќе биде отворена до 8 септември.

„Маска или преобразба на изопаченото е самоистражувачка студија и обид за откривање на двојната вредност испреплетена во релациите помеѓу храброста и срамот. Двојностите се сеприсутни околу нас, а ние преку постојана преобразба од едно во друго се вртиме во круг, сѐ додека не создадеме бесконечни варијации од илузијата што посакуваме да ја видиме“, стои во најавата за изложбата.

Појдовната точка на Јордановска е нејзината реалност. Таа работи како костимограф во независни и институционални театарски продукции, како графичар во ателјето на членовите од колкетивот „Кула“ и како илустратор во малата соба во мезанинот на нејзината зграда.

Со цел да ја открие суштинската исполнетост во спојот на бесмисленоста и разумот, таа повторно и повторно се соочува со страшната празнотија.

„Дневни дози на непогоди, егзистенцијални кризи и патријархални вредности се нанесени врз нас, низ мноштвото канали, домашни и социјални – додека ние брзаме со нашите уморни и отуѓени тела низ лавиринтите на секојдневието. Сепак, празнотијата ни ги исплакнува очите за да може одново да го доживееме нашето постоење. Реалноста е изместена, изопачена, необликувана. Се залетуваме кон неодоливи убавини што за миг се претворуваат во гнило. Се навраќаме во себе, се преиспитуваме од поинаква перспектива. Делата содржани во оваа изложба нудат едно поинакво толкување на маската и изместувајќи ги постоечките дефиниции, повторно го дефинираат апсурдот наречен здрав разум“, се вели во најавата.

Инаку, изложбата почетно беше поставена на овогодинешниот фестивал за нова музика „Здраво млади“.