„OFFest“ е одложен за ноември, доцнел авансот од Министерство за култура

Годинешното јубилејно 20. издание на „OFFest“ место во јуни, ќе се одржи во ноември, соопштија организаторите на фестивалот. Како причина за одложувањето тие го наведуваат доцнењето на средствата кои требало да им бидат исплатени од Минстерството за култура.

„Единствена причина за одложувањето на веќе подготвената фестивалска програма е доцнењето на договорот и придружната документација (а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс) од Министерството за култура. Ова е прв ваков случај во историјата на OFFest, како и на постариот Скопски џез фестивал, на кој искрено се надеваме дека нема да му се случи нешто слично“, велат организаторите.

Новите термини на „OFFest“ се 9-13 ноември, 2021. Од фестивалот кој годинава има значително скратен буџет, најавија дека во најголем дел ќе ја зачуваат веќе подготвената програма, првично предвидена за реализација во јуни.

Така, фестивалско отворање ќе се случи со концертот на модерниот фадо дует LINA_ RAÜL Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов. Овој проект, кој лани кулминираше со албумот „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat), своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо легенда Amália Rodrigues, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година.

Во рамките на првата фестивалска вечер на OFFest 2021, ќе биде прикажан и документарниот филм „The Art of Amália” посветен на кралицата на португалското фадо Amália Rodrigues.

Во однос на ова, вечерва се огласија и од Министерството за култура, од каде велат дека како министерство имаат разбирање за сите потешкотии со кои се соочуваат корисниците при реализација на нивните проекти во вонредни услови на пандемија, вклучително и за потребата за поместување на термините за одржување на настаните.

„Впрочем, како што се случи и минатата година со Офф фест, така и годинава постои можност на секој корисник да му се дозволи промена на терминот за реализациоја на проектот. За најавеното одложување на Офф фест од јуни за ноември, Министерството за култура информира дека договорот за учество во финансирањето на Офф фест е навремено доставен до организаторот – Скопје џез-фестивал. И покрај тоа, апликантот не само што не го потпиша договорот туку поднесе и забелешки“, стои во соопштението на ресорното министерство.

Истовремено, тие тврдат дека во неколку наврати апликантот бил информиран за текот на постапката, како и за тоа дека непотпишан договор не произведува правно дејство, па оттука, додаваат дека е нејасно прозивањето на министерството.