Активистки на „Extinction Rebellion“ разбија прозорци на банка во Лондон, врзана со индустријата за фосилни горива

Активистите на „Extinction Rebellion“ разбија најмалку 19 прозорци во седиштето на банката ХСБЦ во источен Лондон, пренесува BBC.

Протестот по повод Денот на планетата Земја во бизнис дистриктот Канари Варф беше организиран за да се сврти вниманието кон врските на оваа банка со индустријата за фосилни горива, велат активистите.

Девет жени учествуваа на протестот, носејќи лепенки со натписите „подобро скршени прозорци отколку скршени ветувања“.

Откако го искршиле стаклото, полицијата ги уапси под сомнение дека предизвикале кривична штета и остануваат во притвор.

Активистите изјавија дека протестот е дел од нивното движење против економските институции кои придонесуваат за климатската криза.

Протестот доаѓа откако членовите на „Extinction Rebellion“ искршија прозорци и во лондонското седиште на Баркли пред две недели.

„И покрај ветувањето на ХСБЦ да го намали својот јаглероден отпечаток до нето-нула до 2050 година, нивниот сегашен климатски план сè уште овозможува банката да финансира енергија од јаглен и не дава никаква основа да ги одвраќа клиентите или да ги откажува договорите засновани на врски со индустријата за фосилни горива“, велат од движењето.

Портпарол на банката, пак, изјави: „Поздравуваме значаен дијалог за нашата стратегија за климата, но не можеме да прифатиме вандализам или активности што ги ставаат на ризик луѓето и имотот. Ние имаме амбиција да бидеме нето-нула до 2030 година и да ги донесеме нашите финансирани емисии до нето-нула до 2050 година“.