Креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ која беше создадена минатата година, вчера по наредба на Основното јавно обвинителство се приведени. Тие се теретат за кривичното дело Производство и дистрибуција на детска порнографија, по член 193-а, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, стои во соопштението на ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двете лица поради тоа што, како што посочија, постои опасност од бегство и можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело.
Истовремено, од ОЈО посочуваат дека поради обемноста на анализираниот материјал кој се споделувал во групата, со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази, во текот на предистражната постапка било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до МВР.
„По овие наредби и барања беа доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува“, посочуваат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека во однос на досегашните пријави од ошететени и жртви, за определени членови на групата на социјалната мрежа „Телеграм“ и натаму се прават проверки во предистражна постапка. Доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, тие потенцираат дека Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности.
„Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител. Воедно, Јавното обвинителство ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела ‘демнење’ и ‘сексуално вознемирување’ кои во иднина треба да овозможат поефикасен прогон на овие кривични дела“, велат од ОЈО.
Двете лица во јануари минатата година беа повикани на разговор во полициска станица, а за нив беше најавено дека ќе биде поднесена кривична пријава.
Случајот „Јавна соба“ ја разбранува македонската јавност при крајот на јануари минатата година, кога се обелодени дека во затворена група на социјалната мрежа „Телеграм“, македонски средношколци споделуваат и коментираат на интимни фотографии и видеа на малолетни девојчиња, најчесто нивни врснички.
Неколку дена подоцна „Телеграм“ ја затвори групата.
„Јавни соби“ постојат и по една година од создавањето на првичната група
Но, една година подоцна, случајот повторно се актуелизираше, откако јавноста дозна дека на платформата за допишување постои уште една „Јавна соба“. Приказната се актуелизираше и по виралното видео обраќање на девојката Ана чии фотографии се најдоа во една од групите насловени „Јавна соба“.
„Телеграм“ ја затвори и оваа група, но медиумите известија дека веднаш по затворањето, била формирана и нова група за истата цел. За новата „Јавна соба“, досега се приведени четири лица.
Десетици луѓе пред два дена маршираа низ Скопје за да дадат поддршка на жртвите од групата и побараа да се казнат сите администратори на групите од ваков тип, но и сите оние кои во групите споделувал елични информации и фотографии од девојки и жени.
Исто така, тие побараа во Кривичниот законик да влезе и интернет вознемирувањето, за кое велат дека моментално не е регулирано, а дека е од особена важност.
[Фото] „Разбуди се ОЈО“ – порачаа демонстрантите на протестот против „Јавна соба“