Администраторот и креаторот на „Јавна соба“ повикани во полициска станица

Продолжува истрагата на Бирото за јавна безбедност во врска со групата „Јавна соба” на апликацијата „Телеграм“.

Синоќа во полициска станица биле повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата, соопшти заменик-министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска.

„По извршените разговори и прибавените докази против нив ќе биде поднесена кривична пријава. БЈБ продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица“, напиша таа на својот Фејсбук профил.

Во меѓувреме, групата од „Јавна соба“ се преименуваше во „Хммм…“, а бројот на членови од 7400 се намали на 3780 во моментов. Членовите кои се уште се активни споделуваат линкови од други домашни и реагионални групи со слични содржини. Дел од нив, пак, се селат на сосема нова платформа, на гејмерската мрежа „Дискорд“.

Во првичната група се најдоа илјадници средношколци кои споделуваа експлицитни фотографии на свои врснички, голем дел од нив и малолетни.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски вчера за Радио МОФ изјави дека Секторот за компјутерски криминал остварил контакт со мрежата „Телеграм“.

Што знае дете што се тоа „nudes“ – Случајот „Јавна соба“ ја отвори пандорината кутија