Судот во Москва предмалку на опозиционерот Алексеј Навални му изрече казна затвор од две и пол години, откако го прогласи за виновен за кршење на условна казна која ја добил за случај во 2014 година за проневера, јавува „Радио Слободна Европа“.
Ваквата пресуда, како што пренесува „РСЕ“ може да ги охрабри приврзаниците на Навални за понатамошни големи протести кои минатите две недели се случуваат ширум Русија, а и истовремено ја „осакатува“ способноста на неговиот тим да води кампања против владејачката партија „Единствена Русија“ пред парламентарните избори закажани за во септември.
Судската одлука се очекува да предизвика сериозни критики од Западот и, евентуално, нови санкции, влошувајќи ги веќе затегнатите односи меѓу Вашингтон и Брисел од една и Москва од друга страна.
Судијата ја донесе пресудата по напнатото сослушување на кое му претходеше двочасовна расправа. Навални се соочуваше со максимална казна затвор од три и пол години.
Стотици приврзаници на Навални претходно се собраа во близина на судската зграда, која беше блокирана од полицијата, за да ја дочекаат пресудата.
Најмалку 300 од нив биле приведени пред да се донесе одлуката, информира од организацијата „ОВД-Инфо“.
Навални на 18 јануари се врати во Москва, откако помина неколку месеци во Германија каде се лекуваше откако беше отруен со нервниот гас „Новичок“. Веднаш по пристигнувањето тој беше уапсен. Судот потоа му одреди пртивор во траење од 30 дена, а неколку дена подоцна илјадници демонстранти излегоа на улиците во градовите низ Русија, барајќи негово ослободување.