На протестите ширум Русија кои денеска се организираат втора недела по ред со цел ослободување на опозиционерот Алексеј Навални кој моментално е во притвор, досега се уапсени најмалку 4.027 луѓе, информираат од организацијата „ОВД-Инфо“.
Руските власти се обидоа да ги обесхрабрат граѓаните да излезат на денешните протести, откако десетици илјади демонстранти минатиот викенд излегоа на најмасовните протести во последните неколку години, пренесува „Н1“. Но, и покрај заканите со затворски казни и предупредувањата, протести се одржуваат во бројни руски градови.
Во главниот град Москва каде полицијата спроведе обемни безбедносни мерки, како што се затворање на метро станиците во близина на Кремљ, забрана за автобуски сообраќај и работа на рестораните и продавниците, уапсени се најмалку 1.167 лица, меѓу кои е и Јулија Навални, сопругата на Алексеј Навални.
Полицијата го опколи просторот околу плоштадот Лубјанка, каде требаше да се одржи протестот во Москва, по што демонстрантите се собраа на друг плоштад. Оттаму полицијата ги приведе и пренесе со автобуси.
Меѓутоа, стотици демонстранти маршираа низ центарот на главниот град, извикувајќи „Путин, оставка“ и „Путин, крадец“, алудирајќи на палатата на Црното Море, која наводно била изградена за рускиот претседател, за која тимот на Навални претходната недела објави видео кое досега има повеќе од 105 милиони прегледи.
Околу 2.000 луѓе протестираа во Санкт Петербург, каде повремено имаше судири со полицијата која се обидуваше да ги уапси демонстрантите.
Еден од најмасовните протести денеска се одржа во Новосибирск, на истокот на Сибир, каде протестираа неколку илјади луѓе, додека повеќе од 100 демонстранти беа уапсени. Во Владивосток пак, уапсени се најмалку 122 лица.
Руското Министерство за внатрешни работи ги предупреди граѓаните да не излегуваат на улиците, наведувајќи дека може да бидат осудени на затворски казни до осум години, додека оние кои би се судриле со полицијата, на затворски казни дури и до 15 години.
На демонстрациите кои се одржаа во повеќе од 100 градови минатата недела беа уапсени околу 4.000 луѓе.
Навални беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето од Германија, каде се опоравуваше пет месеци, откако беше отруен со нервен гас, потег за кој го обвинува Кремљ. Руските власти упорно негираат дека се вмешани во труењето на Навални.
Тој беше уапсен затоа што, според тврдењата на надлежните, ја прекршил условната казна што му била изречена, откако во декември 2014 година бил осуден на шест години условен затвор, за измама и перење пари. Навални ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани, а Европскиот суд за човекови права пресудеи дека тој е незаконски осуден.