На вториот изборен ден гласале најмалку 9.330 граѓани

Во текот на денешниот ден, односно, на вториот ден од предвремените парламентарни избори, правото на глас го искористиле најмалку 9.330 лица.

Од категоријата немоќни и болни лица, правото на глас го искористиле 7.861 лице, а овие податоци, како што посочи портпаролот на Државната изборна комисија Адмир Шабани, ќе се докомплетираат кога одредени општински изборни комисии ќе ги пријават своите податоци, а во текот на утрешниот ден најавено е дека ќе бидат објавени податоците во целост.

Во домовите за вонсемејна грижа гласале 234 лица, во затворите гласале 1.235 лица, а се уште се чека на податоците од Казнено поправната установа Прилеп.

Вчера пак, гласаа вкупно 723 лица кои се заболени од Ковид-19 или се наоѓаат во самоизолација.

Утре продолжува гласањето во земјава, односно, се одржува гласањето за сите останати граѓани. Гласачките места ќе се отворат во 7 часот, а гласањето ќе трае се до 21 часот.

Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Изборни нерегуларности може да се пријават на телефонскиот број на ДИК и нивната мејл адреса, односно, на 0800 555 44 или izbori@sec.mk.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, претходно ги известија граѓаните дека имаат можност да пријават евентуални прекршувања на нивното избирачко право и во Комитетот, на телефонските броеви (0)2 3119 073 и 072 278 436, или на helkom@mhc.org.mk, за време на гласањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

За пријавување нерегуларности при изборниот процес исто така останува отворена и бесплатната телефонска линија на Народниот правобранител на бројот 0800 54321. Оваа телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 08 до 16 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака.