Тозија тврди дека не интервенирал во договори, откако „Транспаренси“ поднесе кривична пријава за незаконски исплати

„Никогаш не сум интервенирал во договорите кои се склучени со Агенцијата за филм, не сум вршел промена на текстот на договорите и никогаш не сум вршел исплати на средства надвор од договорите, а договорите секогаш биле склучувани во потребната форма. Воедно, никогаш не сум одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции, како што се наведува во соопштението“, тврди директорот на Агенција за филм, Горјан Тозија, откако „Транспаренси интернешнел“ во понеделникот поднесе кривична пријава во врска со незаконски исплати на Агенцијата за филм.

Агенцијата тврди дека се изнесени невистинити информации со кои се нарушува честа и угледот на в.д. директорот, па навестуваат дека ќе бараат извинување од „Транспаренси интернешнел“.

Исто така, Агенцијата вели дека тврдењето на „Транспаренси“ е невистинито и објавено спротивно на закон.

„’Транспаренси Интернешнел’ нема право по закон да постапува по некаков ‘допрен глас’ при тоа, изнесувајќи во јавноста непотврдени и непроверени тврдења, без да ја контактира Агенцијата за филм и г-дин Горјан Тозија, како ВД директор, и да се става во улога на орган на прогон. Но, затоа надлежните органи би требало да проверат дали Транспаренси Интернешнел криејќи се позади наводната грижа за општо добро во суштина ги протежира и штити интересите на определени поединци кои имаат и те каков интерес да се наштети на г-дин Горјан Тозија и на дел од филмските работници?“, се вели во соопштението на Агенцијата за филм, каде стои и дека во целост се запазуваат постапките пропишани со закон.

Кривичната пријава на „Транспаренси“ до Основното јавно обвинителство дојде откако Антикорупциска комисија веќе потврди за отворена истрага и ја „чешлаа“ Агенцијата за сомневања за исплатите на филмските проекти.

Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција е базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.

„Кривичната пријава е поднесена од Транспаренси Интернешнел Македонија заради тоа што не добивме впечаток дека Јавното обвинителство ќе го преиспита овој случај по допрен глас, а во објавените новинарски текстови се содржани доволно информации од кои може да се согледаат незаконските дејствија на пријавениот, а објавен е и доказен материјал кој секако претставува јавна информација и не би ја загрозил идната истрага“, рекоа од „Транспаренси интернешнел“.

Од организацијата го повикаа ОЈО за овој случај веднаш да поведе постапка за, како што рекоа, утврдување на одговорноста за сторено кривично дело и да започне соодветна финанскиска истрага и да го проследи текот на парите.

Агенцијата влезе во јавниот фокус по ургентното исплаќање на 27 проекти на почетокот на корона кризата, кое директорот Тозија го окарактеризира како помош за независните филмски рабтници и продуцентски куќи.

Оваа мерка Агенцијата ја најави на 24 март, за исплата во тек на два дена.

Прво, се споменуваше дека се работи за проекти „во поодмината фаза на реализација, оние што се завршени или пред завршување“. Потоа на 4 јуни, Тозија рече дека може да бидат во „различна фаза“ за да се доисплатат филмовите. Меѓувремено, Агенцијата наиде на критики во јавноста и дел од филмаџиите.

На прес-конференција на Агенцијата на 24 јуни, Тозија нагласи дека во договорите за 27-28 филмски проекти, кои биле во висина од околу 35 милиони денари, има член „виша сила“, па нема потреба од банкарска гаранција ако проектите се во финална фаза.

Од прес-конференцијата на Агенцијата за филм

„Доколку дојде до виша силa, не треба банкарска гаранции, подоцна ќе се најдат. Не треба такви некои документчиња малечки, со кои навистина административно е оптеретен еден филм“, рече тогаш Тозија.

Десет дена подоцна, пак, Агенцијата демантираше дека се исплаќани проекти без банкарски гаранции, туку тие не се активирани.

Кога Радио МОФ истражуваше за случајот, од Агенцијата наместо 27-28, ни пратија 31 проект, за првиот квартал од 2020, согласно склучените договори за финансирање. Споредивме со датабазата Отворени финансии на Министерство за финансии, каде имаше и филмови од наведените продукции (од 31-от проект) што ги немаше во прегледот доставен од Агенцијата, а е вршена некаква исплата во првите три месеци. Вклучените продукции од испратената листа и сите нивни филмови сочинуваа само околу 45 милиони денари, без да бидат пресметани и останатите исплати што ги немаше на листата, а беа вклучени во Отворени финансии, по различни основи.

Од Министерството за култура рекоа дека финансирањето на филмската дејност, не дава никаков основ да се прават исклучоци во примената на Законот за филмската дејност. Тоа важи и за реализација на започнати филмски проекти и нивна исплата.

„Министерството за култура има сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата за филм во првите шест месеци од оваа година, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност“, изјавија од Култура.

Затоа на 26 мај барале и финансиски извештај од Агенцијата, чиј епилог е непознат.

Агенцијата за филм по истражувањето тврдеше дека заклучно со првиот квартал од 2020 година, исплатени се вклучно 19 проекти во тековното работење, а 31 проект во услови на корона-кризата, кои влегуваат во траншата исплати на 20, 23 и 24 март.

Радио МОФ направи и увид во договорите кои Агенцијата ги склучува со продуцентите избрани на конкурсот. Адвокатот и професот Валентин Пепељугоски нагласи дека толкувањето на Тозија за договорите и членот „виша сила“ не е точен. Исто така, не е точно ниту дека парите се исплаќаат на независните филмаџии, туку на продуцентите, откако Тозија на прес се изјасни дека „парите беа дадени не за продуцентите, туку за слободните филмски работници“.

Кривичната пријава на „Транспаренси“, како што нагласија од организацијата, е поднесена против Тозија за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.

Имено, согласно член 34 од Законот за филмската дејност, продуцентите избрани на конкурс на Агенцијата, се стекнуваат со право да склучат договор со Агенцијата доколку достават договори со други продуценти, правни и физички лица со кои потврдуват дека ги обезбедиле во целост средствата предвидени во буџетот за реализација на филмскиот проект и банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средствата кои се обезбедени од Агенцијата.

„Во Законот за филмска дејност строго е предвидена структурата на Договор, а во овој случај пријавениот го изменил текстот на договорот, со што постапил спротивно на законот и на тој начин ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Имено, членот 8 од Договорот во никој случај не е и не може да биде основ директорот да додели средства за нова фаза од реализација на проектот без банкарска гаранција. Тој регулира затекната состојба, во која средствата за одредена фаза од реализацијата на проектот се веќе доделени и е приложена банкарска гаранција, и тоа е сторено пред да настане некој настан кој претставува виша сила или некој вонреден настан. На овој начин, со работа спротивна на Законот за филмската дејност и склучените договори, директорот на Агенцијата за филм доделил средства за финансирање на повеќе од 30 филсмки проекти во износ од 50 милиони денари, средства кои се обезбедени во Буџетот на Северна Македонија. Со преведувањето на средствата, без да биде приложена банкарска гаранција, директорот на Агенцијата за филм не ги заштитил средствата на Агенцијата, кои се буџетски средства и со тоа го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија“, сооопшти „Транспаренси“.

Бојан Шашевски