Офлајн активизмот сервира теми за да „бодат очи“ и да развиваат „разговорна демократија“

Преку герила-акции, натписи, инсталации во јавен простор, активисти години наназад укажуваат на локални и национални проблеми. Пораките се истакнати по улици и плоштади, надвор од онлајн светот каде иницијативи често се одвиваат преку соопштенија, фотографии и петиции. Креативниот офлајн активизам во последните години донесе ајкули во Вардар што го надополнуваа апсурдот на „Скопје 2014“. Натписи сред центарот што покажуваа ниво на корупција во земјата. Дрвја со плодови згради кај Расадник ги симболизираа налетите на урбанизација, додека споменик „Диазепам“ ја отсликуваше националната депресивност.

Никола Писарев

Оттука, Никола Писарев од тимот што прави артивистички акции, вели дека со ваквите пораки на јавен простор се развива т.н. „разговорна демократија“.

Кога сакате да испратите некаква порака и да влијаете, потенцира активистот, многу е поразлично перцепирано ако е во физичкиот, офлајн простор. Бидејќи, вели Писарев, не е тоа две-три минути пишување пост од телефон, или од компјутер, или ден-два анализирање на текст кој ќе се постира низ интернет зоната.

„И тоа си носи одредена важност и тежина. Но, ова луѓето различно го ценат. Тоа е едната работа, а другата е што на тој начин, изработувајќи реални работи, во реален простор и реално време, ние ги охрабруваме и сите во онлајн заедницата да дискутираат за проблеми. Практично, им даваме ветер во едра. Она што е важно во 21 век е разговорната демократија. Тешко ќе наметнете тема на разговор само онлајн, ако не е нешто многу големо. Да, имаме онлајн кампања на ‘Медена земја’ и слично, меѓутоа го имаме и самиот филм. Тешко ќе се наметнеше прашањето на заштита на Брегалнички регион, како живеат тие луѓе, како се користат природните ресурси, доколку го немаше филмот“, потенцира Писарев во разговорот за емисијата „Мегафон“.

Затоа, нагласува активистот, служат урбаните акции. Поентата е да се сервираат теми важни за општеството или локалната заедница, за да се создаде критична маса. Темите да допрат и до политичките елити, и до медиумите.

„Темите не ги бираме ние, темите не’ бираат нас. Значи, има теми кои се важни и кои, често пати, елитите сакаат да ги држат подалеку од јавноста. Практично, тука е и нашето главно оружје, да ги наметнуваме тие теми во јавноста, да станат дел од разговор, да станат дел од онлајн просторот. Да станат проблем“, потенцира Писарев.

„Преведуваме од македонски на македонски“

Околу тоа дали некој проблем треба да „боде“ очи на јавен простор, за да стане проблем, Писарев вели дека тоа е оној муабет кога „не го гледаме слонот во собата“. Не го гледаме, зашто не постои слон, туку само теорија за слон во собата.

„Ако ставите слон од пет метра во една соба, сите ќе го видат. Така да, нашата работа е, ние често се шалиме – ‘да преведуваме од македонски на македонски’. Затоа што и граѓанскиот сектор, тинк-танковите, па и универзитетите, воопшто целиот тој критичко-мислечки сектор на општеството, секојдневно лиферува разни полиси пејпери, блу-принтови, анализи, теории. Меѓутоа, многу големо прашање е кој ги чита?! И, практично, ние ги прераскажуваме од македонски на македонски, ги ставаме само во една рамка, во нешто што е читливо од 7 до 107 години“, потенцира Писарев.

Писарев објаснува и каде се наоѓаат како застапници во општеството. Во Македонија, но и практично во голем дел од светот, освен во некои тоталитарни режими или ептен либерални демократии, вели тој, „пазарот“ на властите функционира врз база на константно пребројување гласови. Пазар на гласови и пари.

„Ние влијаеме на тој ‘пазар’. Со пари не можеме да конкурираме, меѓутоа може да станеме закана дека тој проблем, ако не се разговара, ако не се решава итн, ќе чини некому 2.000 на локално, или пример 10.000 гласа на национално ниво. И, на тој начин можете да влијаете. Се’ друго е прашање на добра волја на свест на некакви долгорочни стратегии. А, темите кои ги работиме се често ад-хок теми и ад-хок сознанија, коишто мораме да ги комуницираме така, за да станат закана“, вели Писарев.

„Поинаку“ прават поинакви урбани акции за поинаква Битола

И во Битола изминатава година имаше акции. Активистите од иницијативата „Поинаку“ кои влегоа во градскиот Советот, излегуваа на терен со натписи. Ставаа свои корпи за отпад кои потоа општината ги вадење, ја разубавуваа Битола со цвеќиња и „направија хаос“ чистејќи автобуска постојка. Исто така, продефилираа на „Браќа Манаки“ со порака „Кажете им на облаците дека Битола умира“.

Габриела Илиевска

Габриела Илиевска од „Поинаку“, нагласува дека кога институционалниот пат не помага, кога нивните предлози тешко излегуваат од Советот во јавност, освен преку Фејсбук, тогаш се решиле на поинаков притисок за да реагираат властите.

„Значи, нашите акции се фактички, во смисла – ‘не правите вие, ќе направиме ние’. И со тоа, ги срамиме буквално пред граѓанините. И на тој начин, не ги мотивираме, туку ги срамиме да си го сработат тоа за кое земаат пари од граѓаните“, вели Илиевска за Радио МОФ.

Го повторува примерот кога го наредија цел град со свои кеси за отпадоци, паралелно со постоечките корпи на локалната самоуправа, за да им служат на граѓаните. Но, потоа, кесите беа собрани од „Комуналец“ со аргумент дека „хаотичното поставување на урбана опрема не може да биде дел од организиран и интегриран систем за управување со отпад“. Сепак, по два месеци, објавена беше јавна набавка за канти за ѓубре.

Од друга страна, цвеќињата кои ги ставија биле атракција за градот, се сликале и туристи, но Илиевска не знае од кои причини се уништени и тргнати.

Акција со цвеќиња на „Поинаку“

Околу идејата за креативното делување на улица, вели таа, не е само да се покаже проблемот, туку да се понуди и решение. А, решенијата ги црпат и од средби со битолчани.

„Имаме канцеларија, каде два часови неделно имаме средби со граѓаните, па некогаш  многу е полесно граѓаните да дојдат кај нас, како граѓански активисти, отколку кај претставниците на политичките партии. На тој начин ги следиме проблемите, барањата и потребите на граѓаните.  Меѓутоа, и ние живееме во овој град“, нагласува Илиевска.

Таа потенцира дека е многу важно граѓаните да ја сфатат нивната важност, нивниот глас.

Колаж архивски фотографии со поставените кеси на „Поинаку“

„Не се свесни граѓаните колку е нивната тежина. И колку можат да го променат начинот на живот во градот. Тоа е целата приказна за ‘Поинаку’, дека граѓаните треба да бидат на прво место и нивните проблеми. И да разликуваме локална и централна политика“, контатира Илиевска.

Колку инсталациите се покритички, толку пократко стојат нечепнати

Писарев вели дека кога се работи за јавен простор, колку е тој на властите, толку е и на граѓаните. Околу нивните инсталации, колку се тие покритички, толку пократко време остануваат нечепнати.

А, реакциите од надлежните служби не изоставуваат. Пример, акцијата „Ајкулите во Вардар“ се прошири до толку што ја видоа 30 милиони луѓе во регионот, а потоа властите ги фрлија во контејнер.

„Сме имале реакции од незадоволни власти, зашто се зборува за тој проблем. Тоа е додатен стимул за нас, додатна приказна преку која може да комуницираме. Сме имале проблеми и со помали акции во општини, градови, но и со министерства. Пример, со општина Гевгелија за иницијативата за водата за пиење, но и ситуација со министерството за култура. Кога ги ставивме ‘ножиците за кастрењата на конкурсот’, они беа многу незадоволни како културна установа. Добивме инспекција, дојдоа, видоа дека се’ е чисто и си отидоа. Ама, ножиците и срамот им останаа. Во принцип, не се плашиме од такви реакции, бидејќи влегуваме свесно дека тоа може да се случи. Свесно го преземеме тој ризик во интерес на групите на граѓани за кои се застапуваме“, вели Писарев.

Правејќи паралела со онлајн активизмот, Писарев нагласува дека некој човек е направен да биде голубар, а некој рибар. Охрабрува секој да работи во свој простор, со свое знаење да ги испружи нозете колку му е чергичето.

„Два пати мери, еднаш сечи“ – џиновска ножица во знак на протест против годишната програма од 2019 на Министерството за култура

Не можете еднаш неделно да пишувате пост. Можете, ама треба дваесет години да поминат за да добиете некаков резултат. Ако нешто се фатите – зборувате само за ‘тоа’. Пример, правев лична онлајн кампања за концесија на Дојранско езеро, која траеше 20-ина денови. Сериозно бев посветен, како пасиониран риболовец. Знаејќи го проблемот на дојраничани, тоа беше проблем на 50-ина фамилии што останаа без леб, што изнајмуваат чамци, прибори, соби… Егзистенцијата им беше загрозена, па прво пробав така, онлајн, за да поминеме на следна фаза на граѓанска мобилизација. По 4-5 поста дневно, исклучиво од личниот Фејсбук профил. Тоа беше креативна кампања. Таму не ‘плукав’, туку давав примери, правев паралели, ја користев Евровизија за да кажам дека ‘Тамара Тодевска ќе освои прво место, ама Дојдан нема да добие концесија!?“. За 20-ина деновиве ресорното министерство и Влада почнаа некоја процедура“, вели активистот.

Според Писарев, онлајн или офлајн активистите мора лично да веруваат во приказната.

Значи, ние веруваме во идејата за убав град, веруваме во идејата за фунционални општини, дека Македонија може да стане нормално општество, дека политичарите се вакви-такви, корумпирани, дека треба да им се ‘скока’ на главата… Друга важна работа е колкава е групата на луѓе, колкав е проблемот за кој барате решение. Многу важно е заради оној момент што се вика ‘препознавање во јавноста’. За давање на некаква симпатија за оние за кои вие се застапувате и за кои се борите“, констатира активистот.

Бојан Шашевски

Првична аудио верзија од темата е објавена во емисијата „Мегафон“