[Фото] Активисти преку нова акција алармираат за корупцијата во земјава

Табли со натписи и слики со еж, риба, трозабец, јаболко, дрво и Земјата се распространети низ Скопје по повод 9 декември, Меѓународниот ден на борба против корупцијата.

Активистите велат дека со оваа акција на сликовит начин се обидуваат на граѓаните да им објаснат колку многу средства, пари на граѓаните кои властите ги управуваат, а не се нивни, се трошат за коруптивни зделки и се одлеваат во приватни џебови додека образованието, науката, културата, социјалата, здравството, екологијата страдаат.

„Kорупција во Македонија години наназад е во рангот на оние во Гамбија, Гвајана, Косово, Монголија и Панама“, соопштуваат активистите.

Од 44 држави во Европа, велат тие, само две годинава се рангирани како покорумпирани од Македонија, која реномето за длабоко корумпирана земја го одржува со години.

„Еден од клучните атрибути за ваквото реноме е корупцијата при јавните набавки. Се проценува дека најмалку една четвртина од парите кои што се трошат за јавни набавки завршуваат во приватни џебови“, реагираат активистите.

Едновремено, дополнуваат тие, едни од најгласните критики кои Македонија ги добива од Европската унија се токму критиките за корупцијата.