85 ученици следеа настава за сексуално образование, се подготвува стратегија

Пилот-проектот за сексуално образование заврши. Вкупно 85 ученици во деветто одделение од три основно училишта во текот на едно полугодие следеа настава по сеопфатно сексуално образование (ССО), пишува Мета.

Пилот-проектот започна во септември минатата година, а заврши во декември. Учениците слушаа за сексуално и репродуктивно здравје, сексуално преносливи инфекции, насилство во врски, адолесцентни врски и односи, но и за правните механизми како да препознаат насилство и дискриминација и како да пријават, кому да се обратат.

Мери Цветковска, проектен менаџер во ХЕРА во изјава за „Мета“ најави дека во моментов група експерти, составена од доктори, психолози, правници, наставници и професори, подготвува Стратегија за сексуално образование. Таа треба да биде усвоена на Влада.

„Во изработката на таа Стратегија се вклучени организациите УНИЦЕФ и УНФПА. Стратегијата ќе предвиди како ќе се изучува дали како изборен или задолжителен предмет, во која мера ќе се изучува и како ќе изгледа предметот и кој ќе го води, односно ќе го водат обучени и сертифицирани лица“, изјави Цветковска.

Од она што било добиено како исказ од учениците кои ја поминале програмата, најбројни биле коментарите на учениците кои оцениле дека им е доцна во деветто одделение да учат за вакви теми и дека тоа би требало да се случува многу порано.

Во предавањето на наставата биле вклучени наставници по биологија, психолози од училиштата и наставници кои предаваат граѓанско образование. Тие претходно имаа доедукации и се сертифицирани.

Инаку, ССО е дел од новата Концепција за основно образование, која предвидува родово сензитивно образование.

Да зборуваме за секс