Вкупно 720 млади лица ќе добијат поддршка за самовработување (евработени млади лица до 29 години), а со мерката, тие ќе добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Ова е предвидено со новиот оперативен план за вработување кој го усвои Владата, а согласно кој ќе бидат издвоени 40 милиони евра за вработување на 16.000 граѓани. Висината на финансиската поддршка за млади невработени е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект, пренесува новинската агенција Мета.
„Младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила, бидејќи тие се иднината на државата и економските стратегии на секоја една сериозна држава треба да се градат врз темелот на можностите и капацитетите на младиот човек. Овој план ќе креира нови работни места и зголемување на вработеноста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош“, рече на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.
Согласно планот, предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување. Со овој план се опфаќаат две главни точки – првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади.
Што се однесува до мерките за млади, очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години, посебно затоа што сите мерки се креирани првенствено да ја опфатат оваа категорија, а притоа постојат и такви мерки кои имаат за цел посебно да ја таргетираат оваа група на граѓани.
„Поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години“, рече Мицкоски.
На прес-конференцијата беше истакнато дека ќе има поддршка и за практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.
Предвидено е да има и младински додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството.
Оваа мерка е насочена кон зајакнување на капацитетите на стопанството со намера поттикнување на ангажирање на младите лица до 23 години за вработување во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила. Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно по вработено лице.
Mицкоски најави и вработување на 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.
Првите јавни огласи за користење на овие средства ќе бидат објавени деновиве.