70 нови наредби за притвор на поранешни турски службеници за обидот за пуч

Турското обвинителство наредило апсење на 70 поранешни вработени во Министерството за финансии, како дел од истрагата за обидот за пуч, од јули минатата година, за кој турските власти го обвинуваат исламскиот проповедник Фетула Ѓулен и организацијата ФЕТО, додека Ѓулен ги негира таквите тврдења.

Од обвинителството соопштиле дека полициската операција за приведување на осомничените, која се спроведува во пет провинции во Анкара, сè уште трае, пренесува агенцијата Анадолија.

Лицата се осомничени дека ја користеле мобилната апликација „БајЛок“, која наводно се употребувала за комуникација помеѓу вмешаните во неуспешниот обид за пуч, соопштиле од обвинителството.

Турските власти ја обвинуваат ФЕТО и за долгогодишна кампања за државен преврат, преку инфилтрирање во институциите, особено во војската, полицијата и судството.

Досега, во разврската на обидот за пуч, отпуштени или суспендирани од работа се околу 150 илјади лица, а преку 50 илјади лица биле приведени.

Апсењата и отпуштањата предизвикаа реакции од организациите за заштита на човековите права и западните сојузници на Турција, кои се сомневаат дека турските власти го користат обидот за преврат за да ги замолчат неистомислениците.