56% од македонските граѓани мислат дека државата оди во погрешен правец, покажа новата анкета на ИРИ

Висока недоверба на македонските граѓани во институциите и политичарите и песимизам за правецот во кој се движи државата покажаа податоците од новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Во истражувањето направено во периодот на март и април годинава, дури 56% од македонските граѓани сметаат дека државата се движи во погрешен правец, 29% се неутрални додека само 14% од анкетираните изјавиле дека С. Македонија се движи во правилна насока.

Прашање: Генерално, дали би рекле дека Северна Македонија се движи во правилна или погрешна насока? / Фото: ИРИ

Како најголем проблем граѓаните ја истакнуваат сиромаштијата и нискиот животен стандард, високите цени и економската ситуација генерално, а речиси 80% од испитаниците сметаат дека Владата не се посветува доволно на решавање на овие проблеми.

Скоро две третини од анкетираните изјавиле дека нивните месечни примања не се доволни за да се задоволат потребите, а речиси половина од испитаниците мислат дека во следните две години економската ситуација во земјава ќе се влоши.

Најниска доверба македонските граѓани имаат во обвинителството и судството, каде само 1% од анкетираните имаат целосна доверба во овие институции, додека повеќе од половина од анкетираните имаат целосна недоверба. Многу ниска доверба има и Државната комисија за спречување на корупцијата, политичките партии, Собранието и Владата. Наспроти ова, граѓаните изразиле најмногу доверба во банките, медиумите, образовните институции, полицијата и општинските власти.

Фото: ИРИ

Високи 78% од анкетираните сметаат дека владините функционери не работат законски при вршење на должноста, додека само 17% сметаат дека тие го почитуваат законот во нивната работа. Слични ставови граѓаните имаат и за опозициските политичари, каде речиси 70% сметаат дека тие не работат законски, додека 19% сметаат дека го почитуваат законот.

Во поглед на надворешната политика, граѓаните остануваат со високо ниво на поддршка на Европската Унија и НАТО. 79% од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ, наспроти 17% кои се против, додека 73% го поддржуваат членството на С. Македонија во НАТО, наспроти 21% кои се против тоа.

Граѓаните сметаат дека Турција е земја која најмногу ги штити националните интереси на С. Македонија (25%), додека Европската Унија е на второ место (18%). Меѓу првите пет одговори се уште и Германија (13%), „Никој“ (12%) и САД (11%).

Прашање: Која од следниве држави (вклучително и ЕУ) најмногу помага на националните интереси на Северна Македонија? / Фото: ИРИ

Анкетата е направена во периодот од 8 април до 4 мај, на репрезентативен примерок од 1.204 испитаници.