5-годишно момче со продавање лимонада собрало 17.000 долари за жртвите од пожарите на Хаваи

5-годишниот Едисон Џуел преку штанд со лимонада во Сиетл успеа да собере преку 17.000 долари за помош на настраданите во катастрофалните пожари кои го зафатија Хаваи.

Тој со родителите бил на семеен одмор на американскиот остров токму во периодот кога избувнале катастрофалните пожари. Едисон ги слушнал родителите кога гледале вести за оваа трагедија.

„Беше среда попладне, беа пуштени вестите, а тој ме тераше да го исклучам телевизорот бидејќи го правело тажен. Во тој момент сфатив дека тој навистина слуша внимателно и покрај тоа што немав намера да му кажувам ништо за тоа“, изјавила неговата мајка Ејми Џуел за УСА Тудеј.

Едисон потоа предложил да направи штанд на кој ќе прави лимонада и парите од продажбата на соковите да ги донира за помош на жртвите од шумските пожари. Ејми и нејзиниот сопруг веднаш ја поддржале оваа негова идеја и веќе следниот ден го поставиле штандот на нивната прометна улица во Сиетл.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ami Juel (@amijean2)

Штандот работел од 10 до 18 часот и нудел лимонада, минерална вода, лижавчиња и слатки, па дури и некои од играчките на Едисон. Семејството објавуваше видеа на социјалните мрежи, а иако лимонадата се продавала по еден долар, минувачите оставале по 5, 10 или 20 долари како дел од нивната донација.

Голем број луѓе започнале да донираат и онлајн, меѓу нив и човек од Хонолулу, Хаваи, кој слушнал за овој донаторски бизнис на петгодишникот.

„Најголем дел од луѓето велеа: `Ох, ова е многу кул, одлична идеја. Баравме начини како да помогнеме, бидејќи се чувствувавме беспомошни и не знаевме каде да донираме`. Голем број луѓе доаѓаа на штандот и ни раслкажуваа нивни лични приказни поврзани со Хаваи, или некаква поврзаност која ја имаат со островот“; објаснува Џуел.

Штандот заработил преку 17.000 долари заклучно со петокот, а во донациите му се придружиле и родителите и нивните компании каде што работат. Родителите на Едисон велат дека момчето уживало во целиот процес и дека омилен дел му бил разговорот со обичните минувачи покрај неговиот штанд за лимонада.

Во пожарите на Хаваи досега загинаа најмалку 115 луѓе и опустошија повеќе големи градови на островот.