300 граѓани без лични документи добија своја идентификација

300 граѓани добија лични документи за идентификација, информираа од организацијата „Ромалитико“. Лицата без документи за прв пат добија изводи од матичната книга на родени, со тоа што тие прекинаа да бидат „невидливи“ за државата како во досегашните 30 години.

Од „Ромалитико“ посочија дека со активна партнерска поддршка од македоската подружница на УСАИД, во изминатиот период работеле на идентификација на 300 граѓани и нивна придружба пред надлежните институции.

„Овие лица конечно добиваат правно препознавање, пристап до образование, здравство и вработување“, велат од „Ромалитико“.

Премиерот Ковачевски истакна дека со добиените документи, се решава горлив децениски проблем кој го имаат стотици граѓани родени на македонска територија, но без да се запишани во матичната евиденција

„Решаваме еден горлив децениски проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени“, посочи тој.

„После една деценија, им овозможивме да си го остварат правото на заштита на нивното здравје преку нивно здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование. До сега овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, сега им овозможуваме да се вработат, да отвораат и регистрираат свој сопствен бизнис“, изјави Ковачевски.