30-тина еко-активисти уапсени во Германија при протест за сеча на повеќевековни дрва

Германската полиција уапсила околу 30-тина еколози во саботата кои протестирале во шумата Хамбах во покраината Северна Рајна-Вестфалија. Демонстрантите сакале да спречат сеча на повеќевековни дрва за да се отвори пат за ископување лигнит кој се користи во околните термоцентрали.

„Сакавме да направиме гест на граѓанска непослушност и со тоа да ја спречиме сечата на дрва“, изјавила за Еуроњуз Ана Шонберг, која била дел од протестот.

Еден од демонстрантите изјавил дека бил удрен од полицаец, додека директорот на полицијата го демантирал тоа. Акцијата за расчистување на активистите од местото се одвива повеќе денови.

Поголемиот дел од овие еколози живеат во 60 импровизирани куќички, кои се поставени на трасата по која треба да се изврши сечата, што предизвикува тешкотии да бидат отстранети безбедно.

Германија сè уште произведува 37 проценти од електричната енергија од јаглен, од кои 23 проценти од лигнит.