2021 ќе биде година посветена на Блаже Конески, најавуваат од Министерството за култура

Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2021 година за Меѓународна година на мирот и довербата со цел да ги мобилизира напорите на меѓународната заедница да се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.

Министерството за култура и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија почнуваат иницијатива за приклучување кон прославата на оваа Меѓународна година со програма посветена на еден од великаните на македонската култура, Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање.

„Оваа годишнина заслужува сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Затоа, Министерството за култура и Министерството за образование и наука подготвуваат платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат  на национално и на меѓународно ниво. Мирот и довербата се стожерите на поетската и на научната дејност на Блаже Конески. Неговото  монументално дело ги инкарнира овие длабокохуманистички идеали“, соопштија од Министерството за култура.

19 декември, денот на кој се родил овој исклучителен културен деец во 1921 година, е запишан и на Листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.

Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ.

Автор е на 13 поетски книги и добитник на голем број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата…).

Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.