15-то издание на „Роднокрајни поетски средби“ во Струмица

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со EU House Струмица, во петок, 15 декември 2023 година, со почеток во 19:30 часот го најавува 15-тото издание на „Роднокрајни поетски средби“.

Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап.

Оттаму велат дека со настанот ќе се заокружи годината во духот на поезијата и присутните ќе можат да уживаат во творештвото на роднокрајните поети од Струмица.

„Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа“, велат организаторите.

„Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство.

Според организаторите, настанот има цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за нивно запознавање, презентација и промоција, а истовремено на публиката да ѝ понуди автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот.