Платформа за ХИВ до Тодоров: Како ќе го надоместите скратениот буџет за ХИВ?

Како платформа од 15 граѓански организации и здруженија на пациенти кои опфаќаат 15.000 корисници на годишно ниво не можеме да разбереме зошто министерот за здравство Никола Тодоров наместо конкретни одговори, се служи единствено со етикети со кои сака да нѐделегитимира, реагираат од Платформата за одржливост на сервисите за поддршка за ХИВ.

Од Платформата потенцираат дека своите аргументи повеќе пати ги изнеле во јавноста, и директно ги предочиле на претставниците на Министерството за здравство. Притоа, велат од таму, барањата за неопходниот буџет за ХИВ се темелат исклучиво на аргументи кои доаѓаат од пресметки и анализикои кои не се нивни, и зад нив стои токму Министерството за здравство.

„Која е причината поради која ги игнорирате анализите и пресметките зад кои стои Министерството за здравство и Светска банка, кои кажуваат дека со вака скратен буџет ќе има епидемија на ХИВ? Објаснете, како со буџет од 27 милиони денари ќе ги надоместите фондовите од меѓународната поддршка која завршува во јуни 2017 година? Ако не планирате да набавите лекови во 2017 година, објаснете како ќе спречите да се јави недостаток на лекови на крајот на следната година и првата половина на 2018 година, сè додека спроведете нов тендер за терапија во 2018?“, прашуваат активистите од Платформата.

Според Платформата, како носител на јавна функција, без исклучок, Тодоров има обврска отчетно, одговорно и со аргументи да ги образложи сите негови одлуки кои го засегаат здравјето и животот на граѓаните.

„Кога зборуваме за аргументи мислиме на факти, бројки, анализи, пресметки, студии од релевантни експерти и кредибилни институции.  Министре Тодоров, во име на вистината имајте доблест и во јавна дебата погледнете им во очи на пациентите и најзасегнатите и  образложете ги вашите аргументи“, стои во реакцијата на Платформата.

Инаку, реакцијата доаѓа по вчерашниот протест на Платфомата и подржувачите пред Министерсвото за здравство. По протестот, Тодоров повторно ги етикетираше активистите, откако пред 10-ина денови ресорното министерство тврдеше дека финансиските средства за лицата со ХИВ се зголемуваат, а притоа порачаа „СДСМ да не се служат со лаги и манипулации со кои тенденциозно ја доведуваат во заблуда македонската јавност и намерно креираат лажна перцепција за финансиските средства кои државата ги издвојува за оваа особено чувствителна група на пациенти“.