Министерство за здравство: Финансиските средства за лицата со ХИВ се зголемуваат

Министерството за здравство обезбедува финансиски средства за лицата со ХИВ/СИДА во рамки на две програми – Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Република Македонија (во која за 2017 година се предвидени 27 милиони денари) и Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности (во која за 2017 година се предвидени 25 милиони денари само за оваа намена – набавка на лекови за Хепатит Ц), стои во реакцијата на Министерство за здравство по протестот на „Заедно посилни“ и приврзаниците пред Собрание, каде искажаа револт поради кратење на буџетот за ХИВ.

Според министерството, вкупниот износ на средствата за оваа намена од двете програми е 52 милиони денари, што во споредба со оваа година, финансиските средства за лицата со ХИВ/СИДА не само што не се намалуваат, туку, тврдат тие, се зголемуваат.

„СДСМ намерно креира лажна перцепција дека се намалуваат финансиските средства за оваа категорија пациенти, а во реалноста тие се зголемуваат! Реалните факти покажуваат дека се зголемуваат финансиските средства за лицата со ХИВ/СИДА во рамки на програмите на Министерството за здравство, односно за претстојната 2017 година Министерството издвојува повеќе средства во споредба со средствата за изминатава година“, стои во реакцијата на министерството.

Од таму тврдат дека во континуитет ги обезбедуваат потребните лекови за лицата заболени од ХИВ, и веќе е завршена набавката на лекови и за претстојната 2017 година.

„За сите пациенти е обезбедена потребната терапија, како за тековната, така и за следната година. Набавката ја спроведе Универзитетската клиника за инфективни болести, согласно потребите на пациентите, и се очекува потребните количини на лекови за 2017 година да пристигнат до крајот на тековната година, се додава во реакцијата“, се вели во реакцијата на министерството.