[Обновено] Протест пред Собрание против кратење на буџетот за ХИВ: „Уште колку пациенти ќе носите на душа?“

Граѓани, медицински лица и претставници на невладини организации денеска ја блокираат улицата пред Собранието во знак на протест против кратењето на буџетот за ХИВ. Тие бараат зголемување на сегашните 65 милиони денари наменети за лечење и превенција, иако државата реши буџетот за оваа програма да го намали дури на 27 милиони денари.

Според Христијан Јанкуловски, извршен директор на ХОПС, државата има најниска стапка на смртни случаи од ХИВ во Југоисточна Европа, но поради недостиг на средства 15 000 луѓе и нивни семејства ќе се соочат со последици, а не ја исклучи можноста и за ширење на епидемија. Тој вели дека сега одговорноста треба да ја сносат пратениците и надлежните институции.

„Ние не сакаме да сносиме одговорност затоа што Собранието го крати буџетот на срамни 27 милиони денари коишто не се доволни ниту за третман, ниту за превенција. Ова го зборуваме пет години и пет години нема слух за нас. Редно време е одговорноста да ја преземат донесувачите на одлуки затоа што од први јануари до први јули 2017 година, одговорноста ќе биде на Владата и на Законодавниот дом. Ние ќе продолжиме да притискаме и да бараме 65 милиони денари само за шест месеци во 2017 година да се стават во буџетот“, рече тој.

Андреј Сениќ од „Заедно посилни“ соопшти дека е испратено писмо до сите пратеници за овој проблем, но дека се уште немаат одговор.

„Ако се одржи сегашното финансирање, до 2030 ќе се спречат повеќе од 860 заразени лица и 290 смртни случаи. Уште еднаш ги потсетуваме пратениците, од нив очекуваме да носат одлуки базирани на докази и ако остане скратениот буџет тие ќе бидат одговорни за смрт на македонски граѓани која може да се избегне во овој момент“, рече тој.

Ситуацијата е алармантна, потврдува и докторката Милена Стефановиќ, во изјава за Радио МОФ.

„Оваа инфекција бара контролирано лекување и со тоа нема играње. Тоа претставува хронична инфекција која мора сериозно да биде лекувана за да имаме пациенти кои се здрави, функционални, луѓе кои ќе се грижат за себеси и своето семејство, луѓе кои нема да бидат терет на државата. Ако ги прекинеме лекувањата, шансата за живот, ваков каков што го опишувам, сите пациенти ќе ја изгубат“, рече таа.

За време на протестот пред Собранието се обрати и опозициската пратеничка Јагода Шахпаска, која ја обвини сегашната власт дека ги става под ризик граѓаните и дека ја зголемува можноста за ширење на вирусот. Таа нагласи дека кратењето на буџетот, ќе влијае врз тестовите за рано откривање на ХИВ и бесплатните средства за превенција.

„Со овој несериозен однос, Владата може да доведе до фатални последици, нови 865 ХИВ пациенти до 2030 година и нови 299 смртни случаи. Дополнително загрижувачки е тоа што Глобал фонд, на крајот од годината, ја напушта Република Македонија. Со тоа се кратат средствата што ги добивавме од овој фонд за превенција“, рече Шахпаска.

„Уште колку пациенти ќе носите на душа“, „Каде се парите за превенција“, „Сакате ли епидемија на ХИВ“ беа дел од пораките на денешниот протест, кој започна во 11 часот. Во продолжение, атмосферата пред Собрание низ фотографиите на Радио МОФ.

14572547_182681588806883_1963041295_o