„Ќе не носите сите на душа“, протест на ХЕРА пред Министерството за здравство

Транспаренти со пораки „Нема да не убие СИДА, туку неодговорна власт“, „Ќе убиете невини граѓани“, „Министерство за епидемии“ држеа во рацете група легнати граѓани пред влезот на Министерството за здравство.

Овој протестен перформанс на Платформата за ХИВ на здружението Х.Е.Р.А, доаѓа како револт поради скратениот државен буџет наменет за превенција и справување со ХИВ вирусот. Од организацијата порачаа до граѓаните дека Министерот за здравство, Никола Тодоров и пратенците ќе бидат директно одговорни за секој следен смртен случај од овој вирус.

hera-protest-3

Според нив, наместо да се зголемат средствата за заштита на населението од ХИВ на најмалку 65 милиони денари, буџетот за следната година, кој вчера се изгласа и во Собранието, е скратен на само 27 милиони денари.

„Со овој буџет луѓето што живеат со ХИВ се ставени во ризик да им прекине терапијата кон крајот на следната година, а целосно ги скратија и средствата за превенција. Над 15.000 граѓани, и нивни семејства, оставаат без пристап до бесплатни средства за заштита од ХИВ и за рано откривање на инфекцијата. Оваа неодговорна одлука ќе има опасни последици врз здравјето на нацијата. Министерството за здравство добро знае дека епидемијата на ХИВ во Република Македонија ќе се зголеми ако не се продолжат програмите за превенција“, соопштуваат од Платформата.

hera-protest-2

Иницијативата додава дека со кратењето на средствата Министерството за здравство  „дозволува најмалку 290 луѓе во Македонија да умрат од СИДА до 2030 година“, поради ширењето на инфекцијата и доцна дијагноза.

„Во 21. век, кога знаеме како се превенира ХИВ, и кога оваа инфекција може да се лекува, Тодоров дозволува наши граѓани и млади луѓе да умираат од СИДА. Светот на големо зборува за ставање крај на ХИВ-епидемијата до 2030 година. Во Африка епидемијата е веќе ставена под контрола и опаѓа бројот на нови инфекции, а ние во Македонија ќе имаме пораст на новите инфекции и луѓе ќе ни умираат од СИДА“, велат од Платформата.

hera-protest-4

Покрај пред Министерството, граѓаните оставија порака и на оградата на македонското Собрание на која пишуваше „Народни избраници избравте народот да умира од СИДА“.

Платформата за ХИВ пред десетина ја блокираше улицата пред законодавниот дом, а од иницијативата и денеска најавија дека нема да се откажат од протести додека одговорните не го решат проблемот.