„02 Иницијатива“: Кој извор на аерозагадување со колку учествува во PM2.5?

АМБИКОН лабораторијата при Универзитетот Гоце Делчев во Штип има направено истражување, со мерења извршени во период од 29.10.2020 до 04.12.2021, во Карпош и Ново Лисиче, на локации каде се поставени мониторинг станиците на МЖСПП. Карпош е земена како урбана позадинска локација, а Ново Лисиче како локација со мешани извори од сообраќај, индустрија и греење. Земени се 376, односно 367 примероци соодветно. Иако мерењата се завршени пред една година, ништо значајно не е сменето, објавија „02 Иницијатива“

Според анализата на АМБИКОМ, велат еко-активистите, во зимските месеци најголем удел има греењето на дрва, 50% до 59% во Карпош и 36% до 57% во Ново Лисиче. Потоа е сообраќајот со 19% до 28% во Лисиче и 12-14% во Карпош. На согорувањето на нафтата и мазутот, дали за греење или во индустријата отпаѓа од 11-14% Карпош и 7-13% Лисиче.

„Во пролетните месеци горењето на разен отпад на отворено е значителен извор на аерозагадување до 35%. Во летните месеци тука е почвената, градежна прашина, која знае да биде и 46%“, велат од „02 Иницијатива“.

Вон грејната сезона, ако земеме дека согорување на мазутот/нафтата е од индустриски извори и го додадеме на тоа изворот од индустрија, посочуваат тие, доаѓаме и до 48% на уделот на индустријата во септември во Лисиче и 39% во Карпош.

„Ако во зимските месеци нејќеме да се гушиме во енормно загаден воздух, начинот на греење мора да претрпи промена и најголем дел од сите објекти во Скопската котлина треба да го напуштат греењето на дрва, мазут/нафта, јаглен. Посебен зимски режим за сообраќајот треба да се воведе. Индустријата во градот да работи со помали дозволени емисии. Губиме драгоцено време во системско несправување со изворите на проблемот, без точни таргети и потребно годишно вложување за да дојдеме до поднослив воздух во зимските месеци“, се вели во соопштението на „02 Иницијатива“.

Визуелизациите се објавени преку Фејсбук-страницата на „О2 Иницијатива“