​„Иднината е меѓу твоите нозе“ – фестивал за сексуалноста и родот во алтернативниот филм во Југославија

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргиналзираните заедници“ го организира фестивалот посветен на сексуалноста и родот во алтернативниот филм и видеото во Југославија, насловен „Иднината е меѓу твоите нозе“. Фестивалот ќе се одржи од 21 до 23 октомври, во Кино Фросина, Кино Култура, и Концепт 37.

Целта на фестивалот, како што велат организаторите, е да го донесе во преден план значењето што го имаат за колективната меморија различните форми на сексуална и родова имагинација и отпор во културната продукција во рамки на алтернативниот филм, видеото и субкултурните практики во Југославија.

„Отворајќи ги спецификите на оваа продукција, сакаме да размислуваме и разговараме за можностите што различните критички и еманципаторски имагинации за сексуалноста, родот и телесноста во Југословенската културна продукција од маргините ги отвора за нашето современо обмислување на родовата и квир критика и отпор. Имено, истражувајќи ги утопиите што фемистичките, квир и критичките алтернативни и супкултурни уметнички практики во Југославија ги раздипливуваат, сакаме да го мобилизираме перформативното дејствие на минатотот, а со цел да погледнеме оттаде затворот на нашата сегашност и нашите борби и имагинација за отпор и еднаквост“, се вели во најавата.

Фестивалот започнува во петок, во 20:00ч, во Кино Фросина, со селекцијата на Жељко Лукетиќ “Должината не е важна – Хрватскиот алтернативен филм 1964-1989“. Во рамки на оваа селекцијата ќе се прикажуваат филмови од најзначајните претставници на југословенската кинематографија и уметност, како Томислав Готовац, Хрвоје Туркович, Мирослав Микулјан, Дасен Штамбук, Невен Корда, Иван Салај итн.

Во сабота, 22.10, во 13:00ч во Кино Култура, предавање на тема „Без гордост 2013: Репрезентација на квир идентитетите во Источноевропската уметност и култури“ ќе одржи Саша Кесич од Белград.

Сабота вечер, 19:30ч. во Кино Фросина е резервирана за селекцијата на Марина Гржиниќ од Словенија, со исклучителната можност да се видат видео делата што таа и Аина Шмид ги продуцираа во 80-тите и раните 90-ти.

Недела, 23.10, во 18:00ч, во Кино Култура ќе одржи предавање босанската уметница Адела Јушиќ, на тема „Секс, брак и репродукција: Создавањето на идеалната југословенска жена“.

Фестивалот ќе се затвори со DJ сет на Виолета Качакова и видео проекции на видеа од Borghesia од 80-тите во Концепт 37 (22:00ч).