[Видео] Прв веб концерт на Радио МОФ – Engage Kicks and Gigs со Conquering Lion

Тетовците Conquering Lion се првиот бенд кој настапува во новиот серијал веб концерти на Радио МОФ – Engage Kicks and Gigs.

Веб серијалот во кој гостуваат млади и алтернативни бендови од Македонија, ќе има за цел да ја поддржи и промовира локалната сцена, како и да ја запознае публиката со домашните музичари од еден поинаков агол.

Во Engage Kicks and Gigs, два пати месечно ќе ја споиме публиката со нејзините омилени бендови, кои на сесиите снимени во нашето студио ќе ги изведуваат своите најголеми хитови или најнов материјал акустично, во поинтимна и потопла атмосфера.

За старт на оваа нова музичка веб емисија на Радио МОФ, ги викнавме Conquering Lion, реге/даб/хардкор бенд, кои веќе 10 години се на сцената. Досега свиреле во голем број земји низ Европа, а сцената ја делеа и со реге легенди како Ману Чао, Gentleman, Рас Закари, Доналд Минот…

Нивниот четврти студиски албум, “Land of Confusion”, ќе биде промовиран на 24 февруари. За Engage Kicks and Gigs, премиерно ги свират песните “Selassie I” и “Rain A Fall”, кои се дел од новиот албум.