[Видео] Камп спроти Собрание – родителите бараат институционална помош за децата со посебни потреби

Потребата од квалитетна терапија и од испитувања, стручен кадар кој ќе им помогне во грижата за децата со посебни потребни, до сместувањето за повозрасната категорија на деца со посебни потреби, се само дел од проблемите за кои не е најдено соодветно решение, па родители денеска започнаа протест – камп во паркот „Жена-борец“, спроти Собранието на Република Македонија.

Како што рекоа на денешната прес-конференција, родителите кампуваат овде со цел да проработи совеста на сите оние коишто можат да направат нешто за нивните деца.

„Физички (сме тука н.з.) за да можат при очи да не видат, при уши да не слушнат. Ние не сме против никого, во ова нема политика. Има закони кои гарантираат права за нашите деца… Ние родителите се нудиме како волонтери, нашите имоти, животи ги нудиме и сакаме да бидеме партнери со институциите и секој оној кој сака да ни помогне“, рече еден од родителите.

Во паркот „Жена-борец“ на прес-конференцијата се појави и министерот за труд и социјала, Ибрахим Ибрахими, при што родителите се пожалија на повеќе проблеми.

Инаку, како што пишаа дел од медиумите, утрово дошло и до инцидент, откако неколку лица се обиделе да ги срушат шаторите на присутните.

//