Управниот суд ќе одлучува за жалбите на партиите, денес нема протести пред ДИК

Откако Државната изборна комисија минатата вечер го одби и последниот приговор на СДСМ, а одлучуваше за вкупно 16 приговори на СДСМ и БЕСА, последното упориште е Управниот суд. Партиите имаат право во рок од 24 часа да поднесат жалба, а Управниот суд ќе има 48 часа да ја донесе конечната одлука. Со тоа ќе се знаат и конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Минатата вечер ДИК со четири гласа „за“ и еден „против“, бидејќи претставникот на ДУИ се иззема од гласањето, го отфрли и последниот приговор на СДСМ за изборни неправилности во избирачкото место 2011, во тетовско Теарце.

Прифатен е само еден приговор на БЕСА, за неправилности во избирачкото место 0396/1 во Гостивар.

Доколку дојде до прегласување на ова избирачко место, може да се промени финалниот резултат за освоени пратенички места во Собранието во ИЕ 6, бидејќи разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во оваа изборна единица е околу 300 гласа.

Откако беше објавена и последната одлука на ДИК, завршија и протестите пред ДИК, каде приврзаниците на владејачката партија три дена „ја бранеа волјата на народот“ и се трудеа „да не им бидат украдени изборите“. За денес не се најавени протести.