Турските пратеници се судрија при гласањето зголемена моќ на Ердоган

Тепачка и турканици помеѓу пратениците од власта и опозицијата синоќа изби во турскиот парламент, за време на расправата околу контроверзните измени на Уставот кои му даваат многу поголеми овластувања на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Парламентот го усвои спорниот амандман околу кој многу се дебатираше, кој ги прекинува овластувањата на парламентот да испрашува министри и членови на кабинетот, со 343 гласа од вкупно 550 пратеници. Гужвата настанала за време на тајното гласање, откако членови на опозициската Републиканска народна партија ја окупираа парламентарната говорница.

Вчера беше четвртиот ден од парламентарната дебата за уставните реформи. Претходните два дена беа изгласани првите четири члена од Уставот кои се однесуваа на судската власт, зголемување на бројот на пратенички места, намалување на возраста потребна за кандидатура за пратеник и регулацијата на парламентарните и претседателските избори.

Остануваат уште тринаесет амандмани поднесени од владеачката Партија на правдата и развојот (АКП).

По процесот најверојатно ќе следува и референдум, на кој народот ќе треба да одлучи дали да се промени парламентарниот систем на Турција во претседателски. За да се дојде до референдумот измените мора да се прифатат од 330 пратеници. Доколку добие поддршка од 367 пратеници, референдумот нема да биде неопходен за промена на Уставот, иако владеачката АКП претходно истакна дека ќе бараат поддршка од граѓаните во секој случај.

Ердоган подолго време бараше уставни амандмани кои би му овозможиле поголема извршна моќ, како именување министри и високи државни функционери, со изговор дека тоа би ја направило Турција посилна. Критичарите пак, се плашат дека на овој начин Ердоган би добил премногу моќ, со малку можности за негова контрола.