Трамп се распрашувал кого сѐ може да помилува додека трае истрагата за врските со Русија

Дел од правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп бара начин да ја попречи и блокира истрагата на специјалниот истражител Роберт Мулер за поврзаноста на администрацијата на Трамп со Русија.

Според информациите на Вашингтон Пост од луѓе запознати со ситуацијата, правниците на Трамп се обидуваат да најдат случаи на конфликт на интерес во тимот на Мулер, а се дискутирало и за правото на претседателот да дава помилувања.

Трамп барал од своите советници информации за неговите овластувања да помилува соработници, членови на неговото семејство, па дури и за него самиот, во врска со истрагата која ја води Мулер.

Правниот тим на Трамп одбил да даде коментар на оваа тема. Сепак, според весникот, еден од неговите советници рекол дека претседателот едноставно изразил љубопитност во врска со опсегот на неговите овластувања за помилување, како и ограничувањето на истрагата на Мулер.

„Ова не е во контекст на – едвај чекам да се помилувам сам себе“, рекол еден од блиските советници на Трамп.

Додека истрагата за Русија продолжува да се продлабочува, правниците на Трамп истовремено работат на начини преку кои можат да ја доведат во прашање работата на специјалниот истражител, преку листа на можни конфликти од интерес кои можат да послужат како изговор за јавниот обвинител да го отстрани од задачата.

Советниците на претседателот изјавиле и дека тој бил иритиран и од веројатноста дека истрагата на Мулер може да навлезе и во финансиите на неговото семејство.

Трамп подолго време ја нарекува истрагата на ФБИ, за можна координација на неговата кампања со личности од Русија, „лов на вештерки“.

По одлуката на Трамп да го отпушти директорот на ФБИ, Џејмс Коми, делумно и поради незадоволството од истрагата за врските со Русија, заменикот јавен обвинител го назначи Мулер за специјален истражител со големи овластувања. Мулер има можност да ги истражи врските меѓу кампањата на Трамп и руската власт, како и сите други работи кои можат да излезат од истрагата и сите кривични дела направени во однос на истрагата – како оневозможување на правдата.

Засега, дискусиите за овластувањата за помилување на правниот тим на Трамп се само теоретски затоа што тоа прашање досега не било отворено никогаш во историјата на САД. Ниту еден претседател не ја разгледал можноста да се помилува самиот, па нема ниту судски анализи кои би ја потврдиле или оспориле таквата одлука.

„Ова е дебатирано но нерешено легално прашање. Нема предвидување што може да се случи“, вели Брајан Ц. Калт, експерт по уставно право од Универзитетот во Мичиген.

Некои аналитичари истакнуваат дека Уставот на САД изрично не забранува претседателот да се помилува самиот себе. Додека други пак велат дека по дефиниција помилувањето е нешто што може да се даде само на некој друг .

Американскиот претседател може да помилува поединец во секое време, вклучително пред и по кривични обвинувања, додека опсегот на претседателското помилување може да биде многу широк. Претседателот Џералд Форд го помилува однапред поранешниот претседател Ричард Никсон за прекршувања кои „ги сторил или можеби ги сторил“, додека бил на функција.