Протест против масовното труење: Правда за животните, затвор за трујачите

Со марш од Собрание до бараките на Град Скопје, повеќе активисти и љубители на животни денеска со голем транспарент „Нивната болка – наша борба, нивните солзи – наш глас“ протестираа против масовното труење на кучиња и мачиња низ земјава.

Сликите со усмртени животни станаа секојдневние, црна дамка за омразата што се генерираше кон бездомните животни, откако црн ротвајлер нападна повеќе граѓани и деца во Лисиче. Активистите бараат да престане анимозитетот кон уличните кучиња и притоа да се спроведат системски решенија, а не одредени граѓаните да тераат „правда“ на своја рака и да трујат животни.

Оттука, на протестот постојано ечеше „Правда за животните“, „Затвор за трујачите“, „Убијци“…

„Животните воопшто не се виновни. Пред се’, правдата треба да си ја бараат во институциите и да го бараат вистинскиот виновник, кој сам си го пуштил кучето (црниот ротвалјер во Лисиче н.з.), неодговорно го шетал, ако знаел дека е агрисивно… Самото вдушување на отровот може да влијае на човечки организам, а камоли за куче и мачка. Апелираме – отровот не е решение“, рече Марија Качакова, активистка за права на животните.ж

Елвира Мустафа, активистка и професорка по философија и етика, посочи дека е мајка која дома чува куче. Нејзниот пит-бул спие со нејзното дете, а истовремено, вели таа, чува и маче. За труењето смета дека прави огромни штети.

„Неофицијално дознавме дека од отровот се имаат отруени и луѓе во Битола и Скопје. Последната изјава е дека отровот е пронајден во близина на детска градинка, имаме и фотографија, извештаи од мајки кои се шетаат со децата по паркови, кои можат да посведочат дека и таму има отрови“, вели таа.

Од надлежните бараат подобри услови за кучињата скитници,  да се врши редовна стерилизација, да се стимулира поодговорно сопствеништво, отворање нови стационари и подобри услови во „Вардариште“. Исто така, забрана за продажба на отрови.

„Тоа е многу важно, бидејќи во аптека можеш да купиш отров, а не можеш да купиш ‘диаземап’. Бараме и многу многу повисока свесност. Исто така, да се ослободи ротвајлерот кој е затворен во стационарот. Во ‘Вардариште’ е притворена шестмесечна женка. Ротвајлерот што нападна, пак, е машко, спремано за борби и се знае во чија надлежност е, се знае името на неговиот газда. Ако малку подлабоко ‘прочешлате’ ќе видите дека тоа е вистина“, рече Мустафа на новинарите на протестот.