Нотирани претпладневни изборни нерегуларности

Граѓанската асоцијација МОСТ потенцираше дека едно гласачко место во Куманово било отворено со задоцнување од 15 минути, а во Велес имало доцнење од половина час, поради немање струја. Набљудувачите на МОСТ регистрирале и фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон –  на едно гласачко место во Радовиш, но и во Ѓорче Петров.

Неправилности беа објавени и на прес-конференцијата на МОСТ од 11 часот. Во Ново Село лице агитирало на гласачкото место, дошла полиција, но лицето побегнало. Во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип биле присутни неовластени лица кои ги евидентирале гласачите. Во изборно место во Струга гласач го остварил своето гласачко право, а потоа се вратил да гласа уште еднаш, но не му било дозволено, по што и тука реагирала полиција.

На гласачко место  во општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон. Во мобилниот не е најдена фотографија, па случајот е третиран како ’обид за фотографирање’. Во изборно место во Валандово гласач го фотографирал гласачкото ливче, а фотографијата му била избришана.

Во Неготино, пак, гласач јавно кажал за кого ќе гласа. Според МОСТ, истото се случило и во Демир Хисар, но таму ова го сторил член на избирачкиот одбор. Тој потоа гласал отворено, на маса пред цел избирачки одбор.

Од ЦИВИЛ рекоа дека од 7 до 9 часот е регистран огромен притисок врз гласачите, непочитување на тајноста на гласањето и непочитување на изборниот молк.

„Гласачите добиваат телефонски повици од партиските штабови ширум земјата, оваа информација ја добиваат повеќе наши набљудувачи. Сметаме дека тоа е вознемирување и недозволен притисок врз гласачите“, рекоа од ЦИВИЛ.

Нотирале и повеќе случаи на евиденција на гласачи од администрацијата, или партиски активисти кои стоеле непосредно до гласачките места. Исто така, рекоа од ЦИВИЛ, низ повеќе места низ земјава имало и злоупотреба на јавните ресурси во партиски цели.

Џабир Дерала потенцираше дека дел од нивните набљудувачи добивале и вербални закани. Во едно скопско село било речено „Дали е ова набљудувачот на ЦИВИЛ, дај да го фрлиме во канал“. Исто така, на некои од нив им биле одземени легитимациите за мониторинг или пак им биле фотографирани.

„Сакаме да помогнеме, а не да одмогнеме. Затоа кажете им на избирачките одбори да го почитуваат изборниот законик и да им овозможат на нашите набљудувачи да ја вршат својата работа“, рече Дерала.

Од Државната изборна комисија (ДИК) потврдија дека имало дојави за поситни нерегуларности, кои се проверуваат во координација со МВР и општинските изборни комисии. Истовремено, од ДИК потенцираа дека не располагаат со информации за поголеми нерегуларности.