Норвешка планира да и подари планина на Финска за 100-тиот роденден

Норвешката влада има во план да ја промени границата, како подарок за својот сосед Финска. Скандинавската држава сака на својот сосед да му подари планина со врв, кој би бил највисок во земјата на 188000 езера.

„Има неколку формални потешкотии и се уште не сум ја донела конечната одлука“, вели премиерката на Норвешка, Ерна Солберг. „Но, размислуваме за тоа“.

Највисокиот врв во Финска моментално има 1324 метри надморска височина. Дел е од планинскиот масив Халти, кој има повисок врв на само еден километар подалеку, но во Норвешка. Доколу границата се помести само за 40 метри, врвот ќе се наоѓа во  Финска.

Врвот „би бил прекрасен подарок за сестринската нација“, изјавил градоначалникот на Кафјорд, Свеин Леирос и еден од многубројните политичари кои писмено се обратиле на владата во Осло за да го поддржат планот.

„Сакаме да им пружиме рака на нашите соседи и да можеме да се ракуваме преку врвот“, додава.