LoveFest Врњачка Бања – извонредно фестивалско искуство

На почетокот на летово, размислувајќи каде да одиме на одмор со сопругата, ми стана актуелна една стара идеја – да го избегнеме шаблонското летување на плажа и да тргнеме кон планините, на „сувоземно“ патување, некаде во блиското опкружување. Србија беше првиот избор, посебно затоа што терминот на одморот се поклопи со фестивалот LoveFest во Врњачка Бања, кој во изминатите години се претвори во значаен регионален настан, особено ако имате преференци во електронскиот дел од музичкиот спектар.

Без да се задржам на првиот дел од патувањето, во кој издвоивме 4-5 дена за посета на Белград, но и за преубавите предели на планините Тара, Златибор и Шарган, ќе пишувам повеќе за деновите поминати во Врњачка Бања и за LoveFest, кој ми остави силен, одличен впечаток.

Како најдобро да се опише овој настан и неговото значење за поширокиот регион на централна и јужна Србија? Ќе почнам со локацијата – кога кај нас некој ќе ја спомне Врњачка Бања, првата асоцијација е дека се работи за место наменето за одмор на пензионери, лековита вода и мирна атмосфера. Ништо од ова нема врска со вистината. Местото, кое е едно од најстарите бањски летувалишта во Европа (1868), а надвор од сезоната е дом на само десетина илјади жители, во летните месеци се претвора во вистински монденски центар, преполн со културни, музички и секакви интересни случувања.

Цело лето таму „врие“, во најдобрата смисла на зборот – во јули се организира еднонеделен карневал, на почетокот на август настапува LoveFest, а кон крајот на летото Врњачка Бања е дом на традиционалниот, угледен Фестивал на филмско сценарио, кој се одржува речиси 40 години. Местото зрачи со извонредна, монденска атмосфера, која извира од безмалку 150-те години организиран туризам – паралелно со преубавата променада, шеталиштето долго неколку километри, распослан е величествен парк со столетни дрвја, меѓу одлично сочуваните вили и згради, некои стари и повеќе од сто години. На големиот Олимписки базен, на кој некогаш се одржувал натпреварот „Игри без граници“, три дена се случуваа дневни журки со диџеи од Србија и од странство. Сево ова, во комбинација со неверојатно достапните цени на сместувањето и храната (спиење чини 250 наши денари, комплетен ручек за еден човек во кафеана од 150 до 250 денари), ја прави Врњачка бања извонредно атрактивна дестинација, која топло ја препорачувам.

Со голем напор, организаторите на LoveFest изминатите години го внесоа и духот на 21-от век во Врњачка Бања – преку 70.000 млади луѓе годинава го посетија фестивалот, кој веќе деветта година се претвора во угледна, тридневна прослава на модерната музика. Правејќи внимателен баланс меѓу диџеите и артистите кои припаѓаат на андерграунд спектарот на електронската музика и комерцијалните, EDM-имиња за пошироката публика, организаторите се погрижиле најсилен дел од фестивалската програма да биде електронскиот и рејв-моментот, на импозантниот Fire stage, на кој во трите фестивалски денови продефилираа редица сериозни имиња од хаус и техно музиката: Ame, Booka Shade, Dubfire, James Zabiela, Juan Atkins, Blake Baxter, Danny Daze…

 12822107_10153893557918467_1222129281_n

Live stage-от, пак, претстави низа култни бендови од Балканот, меѓу кои најголем беше словенечки Laibach, со еден од нивните последни концерти пред најавеното гостување во Северна Кореја, прво за еден западен бенд. Љубителите на алтернативниоt, рок и рап-звуците можеа да уживаат и во настапите на Elemental, Atheist Rap, Eyesburn, Artan Lili, Марчело и Prti Bee Gee, меѓу другите.

Севкупно, не можам доволно да нагласам колку добар впечаток остава LoveFest – од организацијата и програмата, до атмосферата и големината, со која ова музичко случување секоја година се доближува се повеќе до постариот и поголем EXIT. За јужниот и централниот дел од Србија, ова е непроценлив настан – за илјадниците млади желни за современа забава кои живеат во Краљево, Чачак, Крушевац, Ниш, Лесковац и во други градови од регионот. На фестивалот имаше и бројни посетители од Белград и од подалечните градови во Србија и Војводина, но и доста странци, за кои LoveFest претставува врвно музичко доживување за екстремно ниска цена (билетот за трите фестивалски дена годинава чинеше само 27 евра). За одбележување е релативно малото присуство на посетители од Македонија, и покрај тоа што Врњачка Бања е на помалку од 300 километри од Скопје, на пример. Ова е штета, затоа што во недостаток од слични настани кај нас, LoveFest може да биде одлично искуство, кое за Македонците е подостапно од сличните регионални настани.

Жарко Настоски