Лего вработи деветгодишно девојче како дизајнер

Деветгодишната Сиена од Лондон сакала да си игра со Лего толку многу, што решила самата да дизајнира сет коцки. Дизајнот бил доволно иновативен за да биде пуштен во продажба од 1 септември.

Сиена стана првото дете-дизајнер на Лего коцки, откако во декември се пријавила на нивен натпревар. Децата можеле да пријават своите дизајн-идеи за сет, а победил нејзиниот дизајн за градина со базен и куќичка на дрво. Поминала една недела во просториите на Лего во Данска, претворајќи ги своите идеи во играчка со која ќе можат да си играат и нејзините врсници обожаватели на коцките.

„Ми се допаѓа тоа што можеш да изградиш било што со Лего“, вели Сиена. „Не мора да ги следиш инструкциите“.

Неколку дена работела на планот за нејзиниот сет, цртајќи ги коцките на хартија.

„Шкртав на лист хартија за тоа како би изгледала мојата идеална градина. Имаше куќичка на дрво, лизгалка, ѕид за искачување и базен“, раскажува 9-годишната дизајнерка.

Потоа, го изградила замислениот сет со коцките кои веќе ги има. Во финалниот сет, има и своја мини-кукла која го носи нејзиното име, како и Пипа, кучето на нејзината баба.

Сиена вели дека со оглед на нејзината љубов за Лего коцките и нејзината креативност, би сакала да ја задржи оваа работа.

„Дефинитивно сакам да бидам дизајнер на Лего Френдс сетови. Ногу е забавно бидејќи не е само куцање на зборови во компјутер. Имаш можност да дизајнираш нешто и да го изградиш“, вели таа.