Хакерски упад во безбедносниот софтвер CCleaner зарази 2 милиони компјутери

Повеќе од 2 милиони луѓе кои го спуштиле безбедносниот софтвер CCleaner ги заразиле своите компјутери со штетен програмски код (малвер), потврдиле од компанијата Piriform кои се сопственици на програмата за чистење непотребни податоци.

На нивната интернет страница тие соопштиле дека новата верзија на софтверот била изменета од хакери пред да биде јавно пуштена.

На оригиналниот софтвер бил додаден дополнителен програмски код, преку кој хакерите си овозможиле пристап до компјутерските уреди на 2,27 милиони луѓе, пренесува Скај Њуз.

Овој метод на хакирање, познат како „напад на ланецот на достава“, често се користи врз добро познати софтверски решенија, со цел да ги заобиколат безбедносните проверки кои постојат кај организациите кои се нивна мета.

Верзијата, која била „нелегално изменета“, била достапна еден месец пред да биде регистриран хакерскиот упад во програмскиот код.

„Во овој момент не сакаме да шпекулираме за тоа како недозволено програмирање се случило во CCleaner, од каде потекнува нападот, колку долго бил подготвуван и кој стои зад него“, изјавил Пол Јунг од Piriform.

Тој додал дека компанијата веднаш го изменила кодот откакот го забележале малверот и дека автоматски ги надградиле корисниците на нивната апликација за да ги заштитат од хакери.

„Колку што ни е познато, успеавме да ја отстраниме опасноста пред да настане било каква штета“, изјавил Јунг.