Гужви и заклучени врати на реновираниот блок во „Гоце“ – започна вселувањето во студентските домови

Гужви од студенти кои пристигнаа од целата држава, полни куфери и надеж за подобри услови за живот е сликата што ја затекнавме денеска, на првиот ден од вселувањето во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Дружбата и фактот што домовите се далеку поевтини од приватното сместување се воглавно причините поради кои студентите се вселуваат во овој дом, и покрај лошите услови за кои постојано се алармира низ медиумите.

„Немам пари за стан, „Гоце“ е многу поевтина варијанта“, вели студент од Берово.

На ова се надоврза негов познаник, кој вели дека дружбата е она што било клучно за да се реши да се врати во овој студентски дом:

„Повторно аплицирав за „Гоце“ најмногу поради другарите, бидејќи тие ми се тука. Две години седев овде и со тек на време е добро. Оваа година се надеваме на подобри услови“.

„Што е добро, ние сме навикнати да ќутиме и молчиме“, се замеша студентка која дојде да го запише својот брат. Таа рече дека никогаш не би седела во овој студентски дом доколку приватното сместување беше поевтино.

Вратите од реновираниот блок „Б“ кој пред две години го зафати пожар денеска беа заклучени и нема информации за тоа кога студентите ќе можат да се вселат во него.

На портирницата на студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што студентите ги земаа клучевите за своите соби не сакаа да даваат изјави за медиуми, туку за сите прашања упатуваат во Државниот студентски центар „Кузман Јосифовски Питу“.  Оттаму пак на прашањето како тече сместувањето и кога ќе биде отворен реновираниот блок во „Гоце“ одговорија дека такви информации не можат да даваат преку телефон. Портпаролката на Министерството за образование и наука, Ардијана Ќамили пак изјави дека не е запознаена со информацијата дека реновираниот блок во „Гоце“ не е отворен за студентите.

Новина годинава е тоа што не е задолжително да се приложи уплатницата од 250 денари,  за културно-забавен живот (КЗЖ)за студентите.

„Од оваа година не е задолжително да се плаќа за КЗЖ. Кога ги поднесов документите не ми рекоа ништо, а немав уплатено за тоа и речиси никој не плати“, објасни студент додека си ги средуваше документите и чекаше ред да се всели.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ поттикна многу дебати и доби многу ветување. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ , стои дека до 2016 година целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран. На три месеци до крајот на годината е реновиран, но под клуч само „Б“ блок. Тој беше саниран откако во 2013 година избувна пожар во кој беа оштетени неколку соби.  Најава за комплетно реновирање на „Гоце“ уште пред две години дојдоа и од премерот Никола Груевски кој ветуваше дека тоа ќе се случи уште минатот септември. Ветување има и за изградба на нов студентски дом „Медицинар“, кој ќе се гради на местото на постоечките бараки. Изградбата на идниот сместувачки капацитет за студентите од внатрешноста требаше да започне кон крајот на 2013 година или на почетокот од 2014 година, но бараките на „Медициран“ се уште се нефункционални.

Е.П.