База на податоци на БИРН: 2 од 3 најавени вработувања во странските инвеститори не се оствариле

Македонската Влада, последниве десет години, најавила 138 странски инвестиции во вредност од 3,79 милијарди евра, од кои до сега се реализирани 51 инвестиција во вредност од 580 милиони евра. Најавени биле 62.701 вработувања, а реализирани се само една третина од оваа бројка – 20.246 луѓе кои работат во овие компании.

Овие податоци се достапни во новата база на податоци „Странски инвестиции под лупа“ на порталот „Призма“. Изработена е од новинарскиот тим на БИРН, кои систематски ги провериле сите најавени странски инвестиции и вработувања во нив од Владата во периодот 2007-2016 година и истражиле колку од нив се реализирани или се во тек на реализација.

„Сметавме дека македонската јавност треба да знае колку и дали она што е ветено, навистина било остварено и што се случувало зад вратите на странските инвестиции откако ќе се пресече лентата и ќе се тргнат камерите по промоцијата“,објаснува новинарката Мери Јордановска, дел од тимот кој работел на оваа база на податоци.

Од БИРН посочуваат на „комплетен молк“ од институциите во изработката на истражувањето. Безмалку, ниту еден владин претставник и институција не одговориле на нивните прашања.

„Транспарентноста постои единствено кога се најавува инвестицијата, кога се сечат лентите и се расфрлаат сумите за вредноста на инвестицијата и за бројот на вработувањата, но понатаму, кога се бараат конкретните податоци за државната помош, за оствареното или пак, за неоствареното, институциите онемувааат пред барањата на новинарите“, додава Јордановска.

Од податоците до кои дошле, наголема инвестиција која влегла во Македонија во овој период е „Џонсон Мети“, со 99 милиони евра, следуваат „ТАВ“ (68,18 милиони евра) и „Скопје Сити Мол“ (61,4 милиони евра). Најмногу луѓе (5.507) вработиле „Дрекслмајер“, а следува „Кромберг и Шуберт“ (3.116) и „Адиент Сеатинг“, поранешниот „Џонсон Контролс“ (1.756).

„Веибо Груп“, со 315,6 милиони евра, „Дупонт и Етанол Јуроп“ со 250 милиони евра и „Сахара Груп“ со 200 милиони евра се трите најголеми нереализирани инвестиции кои биле најавени од Владата, но никогаш не се оствариле.