„ЗСФ-КОМ“ на Фатмир Етеми добила сопственост на земјиште во Центар за 7 евра од квадрат

Државното земјиште во Македонија по брза постапка завршува во раце на бизнисмени. Ова го потврдува случајот на големиот градежен играч, Фатмир Етеми. Неговата компанија „ЗСФ-КОМ“ успеа да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“. Државното земјиште било приватизирано по багателна цена, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра, објави „Само прашај“.

Документите до коишто дошла редакцијата на „Само прашај“, добиени од Агенцијата за катастар на недвижности по неколкумесечно истражување покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), кога сите се подготвуваа за прославата на Нова година, донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.

Сите четири парцели се запишани во еден имотен лист со број 58982 во Центар. Министерството за финансии пресметало дека за приватизацијата, компанијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари. Ова значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.

Парцелите на коишто Етеми им „фрлил око“ и кои на крајот успеа да ги стави под негова капа имаат долг историјат. Најголемата меѓу нив, КП 280/13 во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, кадар на ДУИ.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.