ЗНМ: Осуда за нападите врз весникот „Заман-Македонија“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ја осудува реакцијата на турската амбасада во Скопје, која весникот „Заман-Македонија“ што излегува во Македонија, го нарече терористички билтен на ФЕТО.

„За еден весник, кој 25 години излегува во Македонија да се каже дека е терористички билтен на било која организација, е скандалозен повик за линч на неистомислениците. Очекуваме дека и останатите државни институции ќе го осудат овој чин кој е во насока на задушување на слободната мисла“, велат од ЗНМ.

Од Здружението ги охрабруваат колегите од „Заман-Македонија“ да продолжат со својата работа, додавајќи дека им нудат натамошна поддршка во насока на информирање на Меѓународната федерација на новинари за притисоците со кои оваа редакција се соочува во своето работење во Македонија.

Реакцијата на турската амбасада во Скопје се случи откако јавно беше објавен податокот дека весникот „Заман-Македонија“ е добитник на финасиска помош од Владата во рамки на проектот за поддршка на печатените медиуми.

Пред амбасадата беше одржан и протест, а амбасадорката на Турција во Македонија Тулин Еркал Кара во обраќањето пред граѓаните изјавила дека субвенцијата за весникот Заман – Македонија е неприфатливо.

„Не прифаќаме и нема да прифатиме Владата на Македонија да обезбедува финансиска поддршка за организација, таканаречен весник, на терористичката организација ФЕТО која уби 251, а повреди над 2.000 наши граѓани“, рекла Кара, пренесува Анадолија.

Од „Заман-Македонија“ вчера соопштија дека се откажуваат од владината субвенција.

„Тргнувајќи од фактот дека кон нас се врши невидена негативна кампања, во која страдаат и недолжни, весникот Заман одлучува доброволно и неповратно да се откаже од владината помош и да ги вратиме срествата. Весникот Заман Македонија, останувајќи верен на досегашната политиката за приближување на сите заедници во мултичничкото општество на Македонија, секогаш се трудел да ги истакне заедничките вредности на сите култури во земјата. Поради оваа наша традиционална политика, нема да бидеме причина за затегнати односи помеѓу некогашната славна земја Турција и земјата со демократски вредности Македонија. Со цел да ги уништиме сите обиди на некои кругови да нé престават како причина за затегнати односи помеѓу двете земји, одлучивме да се откажеме од споменатата владина субвенција“, посочија од весникот.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.