11 весници добија вкупно 42,6 милиони денари субвенции од Буџетот

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на прес-конференција во Владата соопшти дека 11 печатени медиуми ќе добијат субвенции од вкупно 42,6 милиони денари според Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.

Овие средства од Буџетот, наменети за поддршка на печатените медиуми на компаниите издавачи, им се доделени за веќе остварени трошоци и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50% за направените трошоци за печатење и 50% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70% за направените трошоци за печатење и 70% за трошоците за дистрибуција.

Одбиени биле две апликации, на Порта 3 и Шења. Во случајот на Порта 3 со изговор дека нема право на учество бидејќи се работи за специјализирано списание, додека во случајот на Шења барањето немало комплетна документација.

„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект го препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата на РМ, ги подготви критериумите според кои, Комисијата на Генералниот Секретаријат на Владата на РМ, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти министерот Поповски.

Поповски додал и дека Владата останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите и дека ќе биде отворена и за сите идни сугестии кои го овозможуваат тоа и кои треба да дојдат исклучиво како предлог на медиумските професионалци и нивните здруженија за изнаоѓање на транспарентни и системски решенија во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.