ЗНМ: Непрофесионален и понижувачки однос од страна на државното правобранителство кон новинари на ТВ Алфа

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска реагираше на, како што велат, непрофесионален и понижувачки однос кон новинарите од телевизија Алфа од страна на државното правобранителство.

Конкретно, ЗНМ соопшти дека станува збор за одговор на испратени новинарски прашања по електронски пат во контекст на спорните закони за енергетика кои се во собраниска процедура, каде правобранителството во повратна комуникација кон новинарот, како што посочуваат, поставува сомнеж дали истите се испратени од новинари или не.

„Укажуваме дека јавните функционери треба да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници. Новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека функционерите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, велат од ЗНМ.

Оттаму потсетија дека државните функционери се финансираат со јавни средства и дека се должни на отчетност и транспарентност пред новинарите и медиумските работници, а со тоа и кон граѓаните за нивната работа.